Глобалната економија се уште е многу фрагилна, а предизвиците се големи. За разлика од лани, општата економска прогноза е подобрена, иако, закрепнувањето, според очекувањата се одвива бавно, изјави претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на првиот „Скопје економски и финансиски форум“ на тема „Економско заздравување и раст по Ковид“, организирана од Министерството за финансии. Пендаровски смета дека имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата и оти не смее да се дозволи забавена динамика и нерамномерна дистрибуција на вакцините.
Пендаровски посочи дека за оваа тема во целиот свет се дебатира интензивно и темелно и порача дека е најважно сите дискусии да бидат водени врз база на реални податоци, со цел, креаторите на економските политики да предложат решенија. Зборувајќи за светските економии, шефот на државата рече дека забележаа огромни падови на своите бруто национални производи, берзански шокови и загуби во речиси сите индустрински гранки, потенцирајќи дека сите земји во светот се уште се борат да го заштитат здравјето на своите граѓани, но и да ги неутрализирааат штетните економски последици.
Осврнувајќи се на нашата економија за која рече дека не е исклучок од светските трендови, Пендаровски посочи на донесените мерки, чија цел беше да се минимизираат загубите во економијата и да им се помогне на најзагрозените сектори.
-Јасно е дека загубите се огромни и ќе треба време за опоравување на македонското стопанство, кое и пред пандемијата не беше во завидна состојба. Но, она што е значајно е дека веќе имаме доволно информации и анализи за да процениме кои одлуки биле погрешни и не треба да се повторуваат, а кои продуцирале позитивни ефекти, оцени претседателот Пендаровски.
Според него, нашето членство во НАТО, освен безбедносната компонента, на среден и на долг рок се очекува да резултира и со поголема економска стабилност и предвидливост, како и нови перспективи во инвестиционата сфера. Пендаровски зборуваше и за застојот во евроинтеграцискиот процес, при што нагласи дека е предизвикан од блокада, чии аргументи се во спротивност со вредностите што ги претставува Европската Унија како концепт. Претседателот порача дека патот кон полноправно членство во ЕУ е приоритет затоа што за европските вредности и за принципите на кои почива заедничкиот европски пазар, за нас, не постои подобра алтернатива.
Во обраќањето, освен ударите врз економијата, претседателот ги нотираше и предизвиците наметнати од пандемијата на Ковид-19 во однос на политичката стабилност и довербата во институциите, во однос на управувањето и владеењето на правото и солидарноста на побогатите кон посиромашните. Тој порача дека како поединечни држави не сме изолирани енклави и дека е потребно заедничко делување на глобално ниво.
-Несомнено имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата и во тој процес не смее да се дозволи забавена динамика и нерамномерна дистрибуција на вакцините, порача претседателот Пендаровски.
Пораката на шефот на држвата е дека без солидна и континуирана инвестиција во човечкиот капитал економскиот развој не може да биде одржлив и дека за таа цел предуслов е да се даде поддршка на младите кои се образуваат и создаваат во земјава. Пендаровски истакна дека општеството е должно да го развие потенцијалот кај младите и да вложува во нивните идеи.
-Верувам дека токму во пост ковид периодот ќе имаме сет на политички и економски мерки кои ќе поттикнат продукција на нови, свежи концепти на тој план, рече претседателот Пендаровски во обраќањето на конференцијата „Скопје економски и финансиски форум“.