Пендаровски до Вартоломеј: Целосното заокружување на автокефалноста на Нашата црква е од врвен национален интерес

Од:

Претседателот Стево Пендаровски упати писмо до Неговата Сесветост Вартоломеј, Архиепископ Цариградски – Нов Рим и Вселенски Патријарх, по повод признавањето на каноничноста на нашата Црква од страна на Вселенската патријаршија.

Во писмото претседателот Пендаровски оценува дека со примањето на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење е исправена историската неправда нанесена врз Црквата и нејзините верници. Претседателот Пендаровски изрази надеж и очекување за скорешно конечно решавање на административниот статус на Нашата црква преку доделување на Томос за автокефалност од страна на Вселенската патријаршија, истакнувајќи дека целосното заокружување на автокефалноста на Нашата црква е од врвен национален интерес, бидејќи отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија и напредок и помирување во македонското општество.

Писмото ви го пренесуваме во целост:

Ваша Сесветост,

Со големо задоволство ја примив веста за историската одлука од 9 мај 2022 година на Светиот и Севишен Синод на Вселенската Патријаршија. Примајќи ја нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење, Вие ја исправате историската неправда нанесена врз Црквата и нејзините верници и ги исцелувате длабоките рани предизвикани од децениската изолација. Особено важно е што на нашата Црква и го признавате и нејзиниот историски континуитет со древната Охридска Архиепископија која низ вековите била прибежиште и извор на духовна сила и надеж за православните верници.

Вашата Сесветост ужива голем углед и почит кај огромното мнозинство македонски граѓани, независно од нивната етничка, верска, политичка и генерациска припадност. Со овој праведен и мудар чекор вие ја оправдувате надежта на моите сограѓани од православна христијанска вероисповед дека токму Вселенската Патријаршија може да и помогне на нашата Црква конечно да го завземе своето вистинско место во православниот свет. И со тоа, да ги избришете вештачки создадените поделби и да го отворите просторот за градење на духовно единство на православните верници.

Во овој клучен период, навремените одлуки на Вселенската Патријаршија можат решавачки да влијаат на духовниот идентитет на сегашните и идни генерации, а со тоа и на духовниот и општествен амбиент во Република Северна Македонија. Оттука, не е сеедно дали нашето единство со православниот свет ќе се темели врз живата реалност на нашата Црква, или врз анахрони решенија, наметнати од надвор кои се спротивни на волјата на бројните верници.

Имајќи го предвид историското и канонско право на Вселенската Патријаршија, заедно со моите сограѓани од православна вероисповед искрено се надевам и го очекувам скорото конечно решавање на административниот статус на Нашата црква преку доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна. Целосното заокружување на автокефалноста на Нашата црква е од врвен национален интерес за нас бидејќи отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија и напредок и помирување во македонското општество.

На крај, Ваша Сесветост, ја користам оваа прилика Вам и на Светиот и Севишен Синод на Вселенската Патријаршија да ви ги пренесам изразите на моето највисоко почитување.

Би можело да ве интересира

Пендаровски: Статусот, положбата и улогата на жените е јасен показател за степенот на демократијата во едно општество

Горан Наумовски

Пендаровски: Потребна е конструктивност во односите со Бугарија, постоењето македонско малцинство е факт

Горан Наумовски

Идејата за отворање на центри за рехабилитација украински војници начелно прифатлива, велат од Кабинетот на Пендаровски

Пендаровски: Жените имаат важна улога во градење на демократско општество

Македонската амбасадорка итно повикана во бугарското МНР: „Лажни се изјавите на македонските политичари“

Орце Костов

Почнува мешањето во претседателските избори: „Пендаровски и објави војна на Бугарија“, на амбасадорката врачен протест

Александар Тодески