Пендаровски: Да не дозволиме ниту едно дете да ни е на улица, надвор од образовниот систем, маргинализирано или злоупотребено

Од:

Денес, додека говориме, на Светскиот ден на детето, илјадници деца ширум светот умираат од глад, илјадници се без покрив над главата, без пристап до образование, илјадници како бегалци чекаат да најдат спас и подобар живот во меѓуграничните појаси, на ничија земја, во импровизирани кампови. Додека ова го зборуваме на крстосниците на нашиот главен град, но и во другите градови, имаме деца питачи, десетици деца надвор од школскиот систем, имаме и деца кои, воопшто, не се евидентирани во матичните книги на родените. Мораме да се соочиме со сите овие проблеми и да најдеме конкретни решенија брзо. Апелирам до надлежните институции, да не дозволиме ниту едно дете да ни е на улица, надвор од образовниот систем, маргинализирано или злоупотребено.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на одбележувањето на Светскиот ден на детето, во организација на УНИЦЕФ на настанот насловен „Младински повик за акција да преосмислиме подобра иднина“, на кој носителите на одлуки и креаторите на политики имаа можност да ги слушнат младите и нивните повици за акција за прашањата што се важни за нивната генерација – од клима до ментално здравје, образование, еднаквите можности и подобриот квалитет на живот.

-Пандемијата, за жал, покажа колку се ранливи децата и колку новата, грда реалност ги загрози нивните слободи, нивните соништа, безгрижното детство. Нека сето ова биде предизвик за сите нас, можност за еден вид ресетирање, поставување на приоритетите и суштинско вклучување на младите во процесите на одлучување. Дозволете уште еднаш, да ги повикам сите клучни институции да работат на проблематиките за деца и млади, и заеднички да работиме на посреќна иднина. Гласот на младите мора да биде чуен и вграден во донесувањето на одлуките. Преосмислувањето на иднината мора да започне од сегашноста бидејќи без осмислување на сегашноста не можеме да ја преосмислиме ниту иднината, порача претседателот Пендаровски.

Во делот на образованието, тој нагласи дека квалитетното образование е невозможно без инвестирање во него, без современи наставни програми и стекнување на практични вештини. Нужно е образованието да продуцира кадри согласно потребите на пазарот на трудот.

-Како човек кој дел од својата професионална кариера ја поминал во образованието, апсолутно сум согласен дека без ставањето на образованието и науката на приоритетна позиција не можеме да очекуваме побрз економски развиток и севкупен општествен напредок. Образованието, здравството, функционирањето на правната држава, заштитата на животната средина се клучот за квалитетен живот. Потребно е да се справиме со базичните работи како сузбивање на дивите депонии, депонирање на сметот, почитување на регулативите за загадување. Во овој контекст целосно се сложувам со мислењата на младите изразени во работилниците дека ни се потребни системски и креативни решенија за да ја заштитиме животната средина. И во овој сегмент, ќе нагласам, клучно е нашето однесување и како поединци, рече шефот на државата.

Денешниот настан, „Младински повик за акција да преосмислиме подобра иднина“, се надоврзува на иницијативата „Преосмисли ја иднината“ што ја спроведуваат УНИЦЕФ и претседателот Пендаровски, во која младите од целата земја ги споделија своите гледишта и идеи за решенија на најголемите предизвици што ги засегаат нивните животи и нивната иднина.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Лажната скромност на Пендаровски, кажа дека не сака канцеларија, за ден потоа експресно да побара

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

Ќе користи ли Пендаровски доживотна пензија? Што му следува по престанокот на функцијата на 12 мај

A1on

Инаугурацијата на новиот претседател треба да биде најдоцна на 12 мај, кога истекува мандатот на Пендаровски

Пендаровски го призна поразот: Резултатите се јасни, но мојата совест е мирна

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Пендаровски: Очекувам дека изборите ќе завршат во мирна атмосфера како што доликува на демократско општество

Горан Наумовски