Паско Кузман, директорот на Заводот за заштита на културното наследство, нема намера да се пензионира.
Со 65 години, тој ги исполнува условите за заминување во пензија, но вели дека нема сила која ќе го натера да престане да работи и дека ќе работи до 99 години, пренесе Балканската истражувачка репортерска мрежа „БИРН“.
„Ќе работам до 99 години, а за понатаму ќе видиме“ , вели Паско во интервјуто за „БИРН“.
Негова цел е да го најде гробот на Александар Македонски.
„Сите археолози трагаат, бараат, се трудат да ја откријат најголемата мистерија, за гробот на Александар Македонски. Мистеријата за гробот на Александар Велики се споредува со мистеријата за Атлантида. Но, колку оди Александар и исчезнува, толку јас сум поблиску зад него. Се трудам да бидам зад него и затоа велам дека сум му зад петици. Моја љубов уште од студентски денови е, еден ден да го откријам неговиот гроб. Убеден сум дека ќе дојде тој ден“ , изјави Кузман.
Кузман тврди дека и покрај тоа што проектот „Скопје 2014“ има над 10-ина споменици од античкиот период, сепак, тој не е идеологот на антиквизацијата.
„Главен носител на целиот тој проект е Никола Груевски,лично. Точно е, дека јас бев во сите комисии каде што се избираше кој лик треба да се постави“, вели тој.
„Премиерот има неверојатни идеи и визии кои се вклопија во нашите идеи, но Груевски ја иницира изградбата на овие споменици“, изјави Паско Кузман за „БИРН“.
Тој го брани најоспоруваниот аспект на овој проект-поставувањето ликови од антиката.
„Ние не го прескокнавме средниот век, туку едноставно нема ликови од тоа време. Македонија беше под петвековна власт на Турците, па сето она што е зачувано доаѓа од Античка Македонија“, вели Кузман.