Претседателот Ѓорге Иванов, утре – 4 септември 2016 година, недела, ќе ја предводи македонската државна и црковна делегација, која ќе присуствува на церемонијата на канонизација на Мајка Тереза.
Македонската државна и црковна делегација на плоштадот „Св. Петар“ во Ватикан ќе присуствува на церемонија на која поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциско, ќе ја прогласи Мајка Тереза за Светица.
Како земји на нејзиното раѓање, потекло и мисија, Република Македонија, заедно со Република Албанија и Република Индија ќе имаат посебно место на оваа свеченост.
На 4 септември 2016 година, недела вечерта, македонскиот претседател ќе присуствува и на свеченото отворање на изложбата на фотографии и текстови поврзани со животот и делото на Мајка Тереза „Madre Teresa – Santa di Skopje, Santa del mondo“ во црквата „Св. Станислав“.
Мајка Тереза беше добитник на Нобелова награда за мир, а нејзиниот чудотворен карактер беше признаен од Римокатоличката црква.
Церемонијата на беатификација на Мајка Тереза, која беше чекор кон нејзино прогласување за Светица беше одржана на плоштадот „Св. Петар“ во 2003-та година, на која присуствуваа над 300 илјади верници. Со свечената служба раководеше тогашниот поглавар на Римокатоличката црква, Папата Јован Павле Втори, додека на церемонијата присуствуваше и македонска делегација, предводена од претседателот Борис Трајковски.