Претседател на патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов се огласи по повод објавата на бугарскиот министер за одбрана, Красмир Каракачанов, кој сподели на социјалните мрежи неколку имиња за кои тврди дека се лица кои се декларирале како Бугари и се со бугарско државјанство.
„Сите ли вака ко тебе лажат таму во Бугарија или ова ти е нарачка од твоите коалициони партнери Заев и Шеќеринска тука од Македонија?“, прашува Пандов преку социјалните мрежи.
Дека Каракачанов зборува лаги обвинуваат и од ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштението испратено до јавноста велат дека Каракачанов води антимакедонска политика и има за цел да оцрнува и фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Александар Николоски, Антонио Милошоски, Петар Богојески, Филип Петровски, Никола Мицевски, Александар Пандов се само дел од имињата кои ги објави бугарскиот министер за одбрана, Красмир Каракачанов, а за кои тврди дека се лица кои се декларирале како Бугари и се со бугарско државјанство, па затоа можат да гласаат и на тамошните избори.

