Пациентите оставени на цедило: Фондот ги намали операциите на срце во приватните клиники

Од:

Фондот за здравствено осигурување ќе го намалува бројот на кардиохируршки интервениции во приватните клиники „Жан Митрев“ и „Систина“ за осигурениците кои досега на државна сметка можеа да се оперираат и лекуваат таму.

ФЗО му предложи на Управниот одбор Предлог за утврдување максимален број извршени здравствени услуги (пакети) од болничка здравствена заштита од областа кардиологија и кардиохирургија за 2024 година.

Од кардиохируршките интервенции на фондовска сметка, приватните клиники извршуваа операции на аневризма на аорта, замена на валвула, вградување на стентови. Ова се прилично скапи операции, но е намалено времето на чекање кај пациентите на кои им требаат итни интервенции и кои не можат да си дозволат да се оперираат на приватно.

Својот предлог за намалување на овие интервенции ФЗО го правда со тоа што смета дека најголемиот дел од интервенциите можат да се изведуваат на Универзитетската Клиника за државна кардиохирургија и на Клиниката за кардиологија, како и на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија, како и со фактот дека за овие процедури се користат скапи материјали за вградување.

„При изведувањето на овие процедури се користат скапи материјали за вградување (стентови, валвули), како и скап потрошен материјал за извршување на интервенциите (катетери, водичи на жици и сл.). Оттука произлегува потребата од дефинирање на максималниот број на овие процедури и здравствените установи каде што ќе може да се изведуваат процедурите“, стои во Предлогот.

ФЗО предлага Управниот одбор да донесе одлука со која ќе се обезбедат средства за максимално 157 здравствени услуги за трансаортална имплементација или репласман на валвула, ендоваскуларна поправка на аневризма на торакална аорта со еден или два стента, ендоваскуларна поправка на аневризам на абдоминална аорта со стент, хибридни процедури на срце и големи крвни садови, замена на аортна валвула и поставување уред за механичка потпора, односно вградување помошен уред за поддршка на срцева работа.

Од овие 157 интервенции, ФЗО предлага 131 здравствена услуга на пациентите да им се пружа на државните клиники за кардиохирургија, кардиологија и торакална и васкуларна хирургија.

Приватните клиники, „Жан Митрев“ и „Систина“ ќе добијат 26 интервенции покриени од Фондот за здравство.

„А1он“ испрати прашања до Фондот за здравствено осигурување за тоа зошто сака да ги намали интервенциите во двете приватни клиники, дали државните клиники имаат таков дневен капацитет каков што имаат приватните клиники и дали пациентите сега ќе чекаат подолго за операција, но конкретни одговори нема.

Наместо тоа од Фондот одговорија дека предлогот не значи намалување на надоместокот туку само наменско распределување на средствата на овие две приватни болници.

„На Управниот одбор од страна на Секторот за финансиски прашања беше претставена анализата на извршување на надоместоците од двете приватни болници кои пружаат и кардиохируршки услуги. Предлогот за условни надоместоци за детска кардиохирургија не беше прифатен од Управниот одбор. Тоа не значи намалување на надоместокот туку само наменско распределување на средствата на овие две приватни болници“, рекоа од ФЗО.

Иако од 2015 година функционира и Државна кардиохирургија, истата немаше капацитет да ги изврши се поголемиот број на кардихируршки интервенции на државна сметка во јавно здравство, па пациентите се оперираа во двете најголеми приватни болници исто така на сметка на Фондот.

Би можело да ве интересира

Вработените во Фондот за здравство најавија генерален штрајк ако не добијат по 2392 денари усогласување на плата

Орце Костов

Случајот со Леонид ги откри сите слабости на Фондот: Се кратат пари за лекување и за операции на срце во приватните клиники

Орце Костов

Конзилијарно мислење без наведување на интервенцијата што му е потребна на Леонид Индов, според ФЗОРСМ остава простор за шпекулации

Горан Наумовски

ФЗО: Барањето за Леонид Индов се одби како неосновано зошто не се работи за упатување на лекување во странство

Платите на вработените во ФЗО остануваат исти до мај

Ристески: СДС и ДУИ го повторуваат М-НАВ во ФЗОМ, ги шиканираат постоечките вработени за да примат нови партиски кадри