Озаконувањето корупција во медиумите денес пред пратениците, ќе се разгледуваат измени на Законот за медиумските услуги, кој се носи во скратена постапка

Од:

Измените на законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги за кои новинарските здруженија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги се изјаснија дека ќе значат озаконување на корупцијата во медиумите и дека е во корист само на петте национални телевизии, денес се на дневен ред на Комисијата за транспорт и врски во Собранието.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги неколкупати досега јавно реагира на предложените измени, кои смета дека се проблематични, почнувајќи од дефинирањето на кампањите од јавен интерес, начинот на нивно спроведување, а особено нивното финансирање со средства од државниот буџет и од буџетите на локалната самоуправа.

Измените што се носат во скратена постапка предвидуваат државни пари законски да се внесуваат во приватните медиуми, принцип на работа против кој новинарските здруженија беа најгласни последнава деценија, а пред пет години категорично против беше и тогаш новата власт на чело со поранешниот премиер Зоран Заев.

Со измените финансирањето на кампањите од јавен интерес се обезбедува од буџетот во висина од задолжителни 0,1 отсто. Од овие средства 80 отсто се наменуваат за кампањи од јавен интерес, кои ќе се емитуваат само на телевизии на државно ниво, а другите 20 отсто од средствата на годишно ниво се наменуваат и за регионалните телевизии и за радијата на државно и на регионално ниво. Измените предвидуваат и кампањи од јавен интерес на локално ниво, кои ќе се финансираат од буџетите на општините и Град Скопје во висина од 0,5 отсто од приходите во претходната година.

„Медиумите имаат обврски и одговорност кон јавноста и оваа своја улога треба да ја извршуваат без надомест и без какви било влијанија. Со предложените измени со буџетски средства ќе се плаќа за пренесувањето на идеите и активностите на централната и локалната власт, што повторно отвора простор за директно нарушување на уредувачката самостојност и независност на медиумите, нивно корумпирање и создавање клиентелистички и сервилен однос кон власта“, предупреди Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги во јули годинава кога измените беа испратени во Собранието.

Агенцијата потсети дека во сегашниот Закон за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги е предвидено кампањите од јавен интерес и апелите за добротворни цели да се емитуваат бесплатно на програмите на радиодифузерите и посочи дека не смее да се дозволи кампањите од јавен интерес да се користат како начин за субвенционирање на медиумите.

За решавање на проблемот со финансирање на медиумите, Агенцијата го поддржува предлогот на Здружението на регионалните и локалните станици „Медиум објектив“ за формирање фонд за медиуми, со кој би се субвенционирале програмски содржини од регионална и локална тематика заради развој на програмската понуда и стимулирање на демократскиот плурализам во општеството.

И Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) се изјасни категорично против предложените измени бидејќи промовираат државни пари за платени кампањи во приватните медиуми, со што се остава простор за директно да се влијае на уредувачката и новинарската независност на медиумите. Измените, и според ЗНМ, фаворизираат едни наспроти други медиуми и одат во корист на петте национални телевизии.

ЗНМ и еснафските здруженија објаснија дека не учествувале во изготвувањето на измените во ниту една фаза бидејќи не сакаат да дискутираат за предлог што озаконува корупција во медиумите.

Предлагачи на измените се пратениците Арбана Пашоли и Исмаил Јахоски од ДУИ и Диме Велковски и Марија Георгиевска од СДСМ. Носењето на измените во скратена постапка го оправдуваат со објаснување дека не се работи за обемен закон.

Би можело да ве интересира

Донесено упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарни избори 2024

Орце Костов

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Сопственик на компанија му понудил поткуп на полицаец, па завршил во станица

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

АВМУ да ја повлече одлуката и донацијата од 5 милиони денари да ја додели во транспарентна постапка, во која ќе учествуваат повеќе медиуми

Горан Наумовски