Со ова писмо, г-не Неделков (простете, но придавката почитуван се заслужува), ние – членовите на Наставничкиот Пленум, во денови кога ни праќате порака дека треба да сме задоволни со тоа што сте „успеале“ да ги спасите привремено наставниците од казните кои се резултат на тест со многу често смешни прашања, и дека сте „успеале“ да надлежните институции – МОН да ни ги исплати дневниците заради штрајкот, сакаме да ви (простете) порачаме дека ЗА ЖАЛ, не сте способен на маса да ги ставите аргументите не на 30.000 изгубени души, туку аргументите на 30.000 практичари – оние кои ги имплементираат лошите законски „решенија“.
Сте му порачале на вашето членство дека нашите аргументи се цврсти, а дека нивните аргументи се многу цврсти. Е, па ние од Наставничкиот Пленум, ве прашуваме вас: го поставивте ли прашањето: „Чии аргументи се посилни?“. Ги прашавте ли претставниците и иницијатори на новите законски измени сакаат ли да ги сардисаме архивите во еден ден (30.000 наставници) со нашите несреќни искуства од училницата – местото каде треба да ги преточиме нивните замисли во дело? Ние сега ви се обраќаме вам за да ве прашаме: „Постои ли свест кај вас лично и тие околу вас кои добро ве плаќаме, за улогата која ја имате во вакви моменти?„
Ние сме убедени дека не сте свесни, а ни дораснати за местото кое го имате во општеството. Лидерот е оној кој знае да води. Вас ве водат, како и сите други погрешни избори во изминаните 20 години. Лидерот има доволно знаење со кое ќе ги победи оние кои не знаат. Но нивното знаење очигледно е посилно од вашето незнаење.Лидерот има способност да ги увери другите, со факти кои се непобитни, кои излегле од изворот – во овој случај училиницата. Вас лично ве убедија дека нивните аргументи се посилни.
Ги прашавте ли г-не Неделков престваниците од МОН каде во свет има ваков систем на екстерни проверки поврзани со казни за учениците и наставниците?
Ги побаравте ли студиите или анализата направена пред имплементирање на ваков грандиозен проект? Ги прашавте ли кој ги измисли новите законски соломонски решенија? Кажавте ли дека во оваа наша борба нема да отстапиме од она што длабоко веруваме дека е погрешно прво за нашите деца, а после за нас? Ги прашавте ли кој ќе одговара за штетата нанесена поединечно на сите оштетени ученици кои заради оценката од екстерен тест не се запишаа на универзитет и не ја остварија својата животна желба? Им кажавте ли дека е погрешен концептот „ Пазарот на труд бара борба меѓу економските субјекти за да квалитетот исплива на површина, разбирајќи дека и образованието е економски субјект, за на крајот нивните аргументи бидат- на пазарот има вишок работна сила?“ Им кажавте ли дека тој концепт НЕ е применлив во образованието кое е столб на секое општество и во кое не смее да има експерименти со вакви последици. Г-не Неделков, тие знаеја што прават од почеток, и мислеа дека така треба. Ги знаеја и предвидените ефекти, но вие спиевте, окружени со силни правници, советници…почесни гости.
Наш г-не Неделков, на вас не ви останува ништо друго сега, освен да ги очекуваат нашите забелешки, прашања, сугестии, мислења, ставови, текстови, во нивата архива и порачајте им да се наоружаат со луѓе зашто ние сме 30.000 наставници кое го имаме најголемето оружје – умот, зборот, аргументот, праксата. Нека одлучат дали сакаат така да ги спротивставиме аргументите или на маса на која ќе го видат писмово, во отсуство на вашиот сиромашен збор. Нека одлучат дали ќе ве слушаат вас или ќе видат низ вас 30.000 наставници кои го носат основното и средното образование на свои плеќи.
Г-не Неделков, за одлуката за штрајк, најавата и подготовките за јавен протест, за ноќниот договор и прекинувањето на штрајкот, има време, ќе расчистиме. И порано од октомври. Ви ветуваме. Но сега, во овие важни моменти на преговори, ве молиме ништо не говорете, само покажете ги сите отворени писма од училиштата, сите колумни посветени на ова прашање и кажете им, останатото ќе го добијат во нивните архиви. Сега, тоа е најдобро што можете.
А сега им се обраќаме на претставниците на власта од Министерството за образование и наука, да не го гледаат г-нот Неделков кога ќе преговараат, туку НИЗ НЕГО да погледнат во армија наставници кои ќе најдат начин да се изборат за враќање на образование кое промовира демократија, достоинство и квалитет. Нека одлучат дали ќе ги анализираат пропустите или ќе не видат во МОН, но сите одеднаш.
Наставнички пленум