Отворено писмо до Трајко наш голем маж!

Од:

Седам Трајко пред компјутерот, читам на интернет разни текстови, написи, ја следам комуникацијата на фејсбук, а во таа комуникација и мноштво на информации, нема ден од 24-ти декември па наваму, да не се појавуваат снимките од тепањето на пратениците во собраниската сала. Си велам, ги гледа ли Трајко неговите колеги (од кои на координациите молеше да му се обраќаат со претседателе, што е и во ред) како јадат ќотек од него и од партијата на која што тој, докажа дека е горд послушник. Се чудам, може ли Трајко да биде Бети Кузмановска?

Не ми се верува! Да. Ама Трајко тие снимки и слики ги гледа и мојот син, некогаш и солзи на очите му се појавуваат. Син ми, Трајко, упорно од мене бара да му објаснам како можеш да ги тепаш своите колеги, кога тој гледејки ги преносите од собраниските седници добивал впечаток дека ти нормално си се однесувал, а и ние другите со тебе сме имале нормална комуникација. Што се случи Трајко со тебе? Ајде ако мојот син не сака ова да го прифати како реалност, можеш ли ти на твојот син и на твојата ќерка да им објасниш зошто даде налог да ги тепаш и твоите колеги и новинарите. Не верувам дека твоето семејство одобрува насилие над жени, над твои колешки пратенички.

Зошто Трајко партиската наредба и твојот личен статус и комодитет да бидат посилни од должноста која што ја имаш, да го почитуваш и спроведуваш Уставот и Деловникот. Се сеќаваш на претпоследната координација, кога пред сите нас кажа дека Буџетот ќе го донесеш на 24 декември употребувајки ги сите средства кои што ти стојат на располагање, реагирав со прашање: Дали тоа значи и дека ќе дадеш налог да не (апсат).

Колку сум бил во право. Утнав за малку (да не тепаат). За твојата реакција на оваа моја забелешка нема јавно да коментирам.

Сега гледам, се обидуваш да глумиш дека Собранието нормално функционира, закажуваш комисии и замисли не повикуваш така истепани да се вратиме во Собранието. Те уплаши ли Талат со неговата изјава, дека ќе ги користи сите ДЕМОКРАТСКИ средства да не се донесе Законот за бранителите. Ќе му викнеш ли специјалци, ќе му ја намалиш ли платата на него и на Ахмети. Да не се уплаши малку Трајко? Кога сум кај твојот очајнички потег, да ни ги намалиш платите и тука бе Трајко не покажа дека си втор човек во државата и прв во Собранието, па да добијам решение со две третини намалена плата потпишано лично од тебе. Добивам решение потпишано од Илија Димовски (твоите колеги говорат дека тој е претседател во сенка). И замисли Трајко решението го добивам во раните утрински часови со поштар на врата, со повратен рецепис, како криминалците што добиваат покани за на суд. И пак проблем за објаснување. Поштарот го пречекува мојот син и така поспан, со чуден поглед ми бара објаснување што има толку важно во пликот.

Како да му објаснам Трајко, дека ти погазувајки го Уставот и правото на еден пратеник да ги користи сите демократски средстава на политичко делување кои што ги добил од граѓаните, исто како Талат и Али, си одлучил, наместо парите од мојата плата да ги користи моето семејство, со нив да ги платиш (наградиш) полициските насилници кои што ги тепаа пратениците и новинарите. Но затоа, твоето семејство нема потреба од загриженост. Ти и понатаму ќе се возиш во блиндираниот мерцедес, твоите деца ќе ја користат твојата плата во 100% износ, како награда за погазување на Уставот, процедурите, демократијата, ако сакаш и човечноста.

Еве сакам да ти порачам од мене, немам такво право да кажам дека тоа е и порака од другите мои колеги, иако го знам нивниот став, дека нема цена, износ изразен во пари кој што ќе не порази и поколеба, ќе не обесхрабри, ќе не одврати од заклетвата која што сме ја дале пред граѓаните на Република Македонија, а тоа е да го браниме уставниот поредок на државата.

И сега Трајко што правиме? Срамот ти го виде цел свет. Ние во Собранието, окупирано од тебе, не се враќаме. Ако сакаш да си задоволиш уште некоја потреба со тепање на опзициски пратеници, тоа задоволство нема, како што вели народот, да ти го приуштиме. Малку од малку, ако остана во тебе чувство на одговорност кон државата, имаш уште неколку дена, надмини се себе си и распиши предвремени парламентарни избори заедно со локалните, потруди се да бидат нормални, фер и демократски, па можеби пак ќе се видиме.

Затоа ти велам Трајко, барем овој пат биди маж.

Горан Мисовски – пратеник

(за да се сетиш Трајко)

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска