Македонскиот Совет на амбасадори се придружува кон општата осуда на грозоморниот терористички чин во концертната дворана близу Москва извршен минатиот петок, во кој настрадаа или беа тешко ранети, досега ретко виден број граѓани во вакви безумни напади, не само во Русија, туку и во глобални рамки.
Советот на амбасадори со своите сочуства се придружува во болката и тагата со семејствата на настраданите во овој грозоморен чин и останува во мислите и со граѓаните на Руската Федерација кои директно или посредно ги чувствуваат последиците на варварскиот чин што го потресе светот.
МСА останува доследен на своите програмски определби, да се залага и бори, принципите на разум и толеранција, да бидат приоритети без алтернатива во најшироките меѓународни рамки, а, насилството и тероризмот сосема да се искоренат како израз на незадоволство.
Дипломатските постапки и политички решенија за глобалните проблеми, дури и за најакутните, се единствениот вистински одговор против безумните дејствија кои водат до загуби на најдрагоценото-човечки животи.”