Осигурителната индустрија со умерен пораст во првите шест месеци од годинава

Од:

Осигурителната индустрија во Македонија во првата половина од годинава бележи умерен пораст во сите сегменти од своето работење, а до Агенцијата за супервизија на осигурување се поднесени 63 претставки или за 21,1 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, од кои 43 отсто се однесуваат во делот на автоодговорност.

Осигурителниот сектор во првите шест месеци од годинава оствари добивка по оданочување во износ од 166,9 милиони денари. Осум од друштвата за неживотно осигурување имаат добивка од 193,4 милиони денари, а три загуба од 62,8 милиони. За разлика од нив, сите друштва за осигурување на живот имаат добивка во вкупен износ од 36,3 милони денари.

– Умерен раст има кај бруто пласираната премија и бројот на продадени договори за осигурување. Забележано е зголемено профитабилно работење на друштвата за осигурување, пораст на капиталот, пораст на активата, на финансиските вложувања како дел од активата, како и зголемување на бројот на вработувањата, информира Климе Попоски, директорот на Агенцијата за супервизија на осигурување на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека најголемо учество во осигурувањето има во делот на автоодговорност по што следат осигурувањето на имот и живот.

– Во сите видови на осигурувања имаме пораст во смисла дека се продадени повеќе полиси и договори. Најголемо учество од 45 отсто во вкупната продажба има задолжителното осигурување од автоодговорност, по него следи имотното осигурување и осигурувањето на живот, рече Попоски.

Прашан зошто е висока цената на зелената карта во Македонија, Попоски рече дека земјава има најниска просечна цена на зелената карта и задолжителното осигурување од автоодговорност за патничко возило во регионот и изнесува 89 евра. Во Србија е 110 евра, во БиХ 147, Црна Гора 150 и Албанија 135 евра.

– Во овие земји има регулирана цена, а во земјите од ЕУ има слободно формирање на цената. За да се намали цената на зелената карта потребно е да се либерализира пазарот за автоодговорност и осигурителните компании да ги одредуваат цените врз база на ризик карактеристиките на секој поединечен возач или возило како што е секаде. Цената на зелената карта би се намалила и доколку биде задолжителна за сите возила, рече Попоски.

Во првата половина од годинава осигурителниот сектор остварил бруто полисирана премија во вкупен износ од 4,61 милијарда денари или за 3,1 отсто повеќе во однос на истиот период од минатата година. Од нив во делот на неживотно осигурување остварени се 3,97 милијарди денари, односно за 1,2 отсто повеќе од лани. Пораст од 6,5 отсто има и кај склучените договори чиј број изнесува 615.986.

– Зголемувањето во делот на неживотно осигурување се должи на порастот на осигурувањето од автомобилска одговорност од 1,91 милијарда денари или 5,8 отсто, осигурувањето од незгода има пораст од 10,1 отсто и изнесува 390 милиони денари, а општото осигурување од одговорност е 125,5 милиони денари и бележи пораст од 7,4 отсто, рече Зоран Стојановски од Агенцијата за супервизија на осигурување.

Тој нагласи дека кај осигурувањето на имот има пад од 10,79 отсто, но истовремено и зголемување на бројот на склучени договори за 30,6 отсто.

– Ова претставува важен индикатор за високиот степен на конкурентност во осигурителниот сектор. Зголемениот број продадени полиси резултира со пониска цена од минатогодишната за осигурување на имот поради што во бруто износ се прибрани 934 милиони денари или за 10,79 отсто помалку од лани иако има повеќе продадени полиси, рече Стојановски.

Осигурувањето на имот кај физички лица има пораст од 2,6 отсто, а бројот на склучени договори е намален за 17,4 отсто, додека кај правните лица бројот на договори е зголемен за 4,2 отсто, но износот на прибраните средства е помал за 9,1 отсто.

– Ова се должи на политиката што ја спроведуваат владите при големи елементарни непогоди директно да им исплаќаат оштета на граѓаните и фирмите. Тоа делува демотивирачки кај граѓаните да купуваат осигурување, рече Попоски.

Во делот на осигурување на живот има пораст од 16,6 отсто, а најголемо учество има мешаното осигурување по што следи дополнителното, па ризик осигурување и осигурување на живот во случај на доживување.

Друштвата за осигурување во првата половина од годинава исплатиле бруто износ на штети од 1,61 милијарда денари, а учеството на реосигурувањето во исплатените штети е 11,3 отсто.

Најголемо учество во продажбата на осигурување има директната продажба со 51,09 отсто, потоа следи продажбата преку брокерски друштва со 25,18, па преку агенти-физички лица со 11,15, друштва за застапување во осигурување со 10,02, банки со 2,14 и останати дистрибутивни канали со 0,024 отсто.

Заклучно со 30 јуни на пазарот на осигурување во земјава активно работат 15 друштва за осигурување од кои 11 вршат работи за неживотно осигурување, а четири осигурување на живот. Денеска Агенцијата за супервизија на осигурувањето му издаде дозвола за вршење работа на Друштвото за осигурување Триглав осигурување живот АД Скопје, со што стана петто друштво кое врши осигурување на живот. На пазарот делуваат и 33 осигурителни брокерски друштва, 14 друштва за застапување во осигурување и три деловни банки кои делуваат како застапници во осигурување. Во друштвата за осигурување се вработени 1.927 лица или за 17,43 отсто повеќе во однос на минатата година.

Би можело да ве интересира

Над 200.000 граѓани ова лето купиле патничко осигурување за годишен одмор во странство

Катерина Ѓуровски

Кој е најдобриот систем да бидете подготвени за неочекуваното во Вашиот дом?

Предраг Петровиќ

Соработката помеѓу „МинтИнс“ и „Интердоместик“ ветува позитивно влијание на осигурителниот пазар

Вратени старите цени на осигурувањата за возила, нема одлука дали ќе им се вратат пари на граѓаните кои плаќаа поскапо

A1on

Владата донесе одлука со којашто цената на осигурувањето од автоодговорност се враќа на ниво од пред 25 април

Осигурителните компании имаат рок до вечер да ги вратат старите цени на полисите

A1on