Земјите од регионот со сигурност ќе можат да ги решат меѓусебните несогласувања, порачаа вчера учесниците на состанокот на земјите од Процесот Брдо – Бриони во Скопје, кој помина во знакот на веста број еден во светот- договорот на лидерите на Северна и Јужна Кореја дека заедничка цел ќе им биде целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и прогласување службен крај на Корејската војна.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој беше специјален гостин на состанокот, на заедничката прес-конференција на која учествуваа и домаќинот, македонскиот претседател Ѓорге Иванов, претедателите на Хрватска и Словенија, Колинда Грабар Китаровиќ и Борут Пахор, како и бугарскиот премиер Бојко Борисов, нагласи дека на регионот му се потребни повеќе позитивни примери, како Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, спогодбата меѓу Приштина и Црна Гора.
– Можеби, историјата на Балканот, која наликува на хорор филм, кој никогаш не завршува, сепак да има среќен крај. Она што се случи со Северна и Јужна Кореја покажува дека невозможното станува возможно, рече Туск.
Напомена дека за време на неговата турнеја низ Западен Балкан дал јасна порака дека земјите-членки на Унијата цврсто се залагаат за европската перспектива на регионот.
– Можете да сметаме на нас, тоа не се само празни зборови, тоа е факт, рече Туск.
Врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во ЕУ, рече претседателот Иванов и оцени дека долго време политиката на проширувањето потфрлуваше во случајот со земјава, не поради принципите и критериумите на ЕУ, туку поради непочитувањето на тие принципи и критериуми од страна на една земја членка.
– Како Претседател на Република Македонија ја повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција, изјави Иванов.
Додаде дека по самата своја природа, проширувањето е политичко, а не само техничко прашање.
– Конечниот збор го има Европскиот совет, а не Европската комисија. А политичкото прашање не може да се реши само со технички пристап и бара храброст, одлучност и креативност од Унијата. Нема подобар пример за тоа од Словенија и Хрватска кои со помош на Европската Унија, успеаја да најдат начин за паралелни преговори. Благодарение на таквиот европски пристап, денес Словенија и Хрватска се лидери на Процесот Брдо-Бриони, изјави Иванов.
Бугарскиот премиер Борисов изрази надеж дека Македонија и Грција брзо ќе го решат спорот околу името и оти за тоа сега постои историска можност. И тој направи паралела со Северна и Јужна Кореја, напоменувајќи дека кога овие две држави успеале да постигнат договор, земјите од регионот сигурно ќе можат да ги надминат разликите.
Хрватската претседателка ја поздрави одлуката со која се препорачува почеток на преговори со Македонија и со Албанија и нагласи дека Загреб ќе стори се што е можно да се забрза овој процес за двете земји. – Хрватска силно ја поддржува политиката на проширување, која е засновна врз принципот на сопствени заслуги, кој е втемелен на строги правила и вреднување, рече таа.
Словенечкиот претседател Пахор рече дека одлуката на ЕК повторно да ги поддржи реформите во ЈИЕ со цел еднаш засекогаш државите од регионот да станат дел од Унијата е од големо значење.
– Врз основа на моите политички искуства јасно е дека Брисел не може да направи се доколку тоа не го направат и лидерите на државите. Убеден сум дека со добра политичка волја може да се решат сите проблеми и на иднината гледам со оптимизам, рече Пахор.
На состанокот на Процесот Брдо-Бриони присуствуваа и претседателите на Србија Александар Вучиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Илир Мета, на Косово Хашим Тачи, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ.
Лидерите во заклучоците, меѓудругото ги поздравија пораките и конкретните предлози од Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан и потврдата за веродостојно проширување и зајакнување на ангажамнот на ЕУ со регионот. Особено го поздравија претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во Софија, како конкретен израз на обновениот пристап на ЕУ кон регионот.
– Го охрабруваме решавањето на отворените прашања и спорови во духот на добрососедство и во согласност со меѓународното право, повикувајќи се на средствата за мирно решавање, пред се, на постојаните меѓународни судови и трибунали и арбитражата, порачаа лидерите.
Состанокот на лидерите на Процесот Брдо – Бриони идната година ќе се одржи во Албанија.