Една недела откако „А1он“ ја објави сторијата за „ Дива населба во долината на Бабуна : Гето од дивоградби кое ниту може да се урне, ниту може да се легализира“, општина Велес одговори на претходно поставените прашања во однос на дивоградбите и узурпираното земјиште кое се присвојува без дозвола повеќе од две децении наназад во долниот тек на Бабуна близу Велес.
За сегашниот градоначалник на општина Велес, Марко Колев не е во ред узурпација на крајбрежниот појас во кој стотината жители во дивата населба на Бабуна без дозвола присвоиле плацови и веќе две децении, откако нивните монтажни кампови од неколку квадратни метри се претворија во куќи од стопати повеќе квадратни метри, играат улога на газди на државна земја.
„Реката Бабуна и крајбрежниот појас е природно богатство на сите граѓани и не е во ред узурпација на крајбрежјето со огради, објекти и порти со што не се дозволува пристап до речното корито на секој посетител“, велат од неговиот кабинет за „А1он“.
Ниту една државна ниту локална власт во Велес во тој период не најде начин и волја да ја сопре градбата, а реакциите од граѓаните кои со години го користеа пределот и течението на Бабуна за рекреативен туризам, за ненавременото реагирање на институциите, беа жестоки.
Градежната инспекција дури оваа година успеа да излезе на терен и да изброи 108 бесправно изградени објекти и 16 монтажни приколки. Сите „газди“ на Бабуна имаат поднесено барање за легализација, но од општина Велес велат дека нема одобрено ниту едно барање:
„ Во последниот рок од 2018 година согласно Закон за постапување на бесправно изградени објекти поднесени се 715 барања за целата територија на Општина Велес (не само за Бабуна). Конкретно за Бабуна нема одобрено ниту едно барање за легализација“.
Иако немаат вода и канализација, овие дивоградби добија асфалтен пат во должина од 2,6 километри вреден 250.000 евра кој го изгради Владата со поддршка преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој.
Бившиот градоначалник Аце Коцевски сметаше дека патот ќе ги мотивира рекреативците кои пешачат и возат велосипед кон Бабуна, но според граѓаните, состојбата само се радикализираше и и на „сопствениците“ им го олесни носењето на градежен материјал, односно им овозможи на узурпаторите да имаат свој асфалтен пат до нелегалните градби.
„Причините и намерите за изградба на овој асфалтен пат поради кои Општина Велес аплицираше со проектна документација е полесен пристап и развој на рекреативниот туризам. За жал, во секој аспект од живеењето во општеството сме сведоци на девијантно однесување и злоупотреба на јавното добро за лични цели“, признаваат од општината.
Општина Велес смета дека не треба да се дозволи дополнителна узурпација на пределог, но не дава одговор дали ќе ја легализира досега изградената населба и дали ќе го заштити пределот со прогласување на заштитено подрачје. Досегашната заштита на карактеристичен пејсаж не ги спречи узурпаторите, а според постоечкиот закон исклучена е секаква можност да се легализираат објекти во заштитени зони.
„Како што веќе напоменавме, овој предел е природно богатство на сите граѓани и не треба да се дозволи дополнителна узурпација со легализирање на објекти. Се разгледуваат сите можности и се бара начин за правна можност согласно постоечката законска регулатива. Прашањето е осетливо од повеќе аспекти и затоа мора внимателно да се испитаат сите можности со цел изнаоѓање на најоптимално решение кое ќе биде изводливо и на терен“.