Доказ дека Скопје не припаѓа на класичните социјал-реалистички градови е постоењето на населбата Јане Сандански. Оригинален примерок на применет урбанизам од современиот период на македонското просторно планирање, дополнето со експертизата на светски искусниот Доксијадис.
Сo своите отприлика 70.000 жители (попис 2002) претставува најголема населба во државата, а од 2005 е и дел од нова, посебна општина. Градена е во периодот на 80-тите години по сличен терк на населбите кои се градат и во тогашната СФРЈ, Нов Загреб, Грбавица, Нов Белград. Иако тие се изградени нешто порано и типолошки битно се разликуваат, просторниотпринцип им е сличен.
Се карактеризира со симетрична блоковска поставеност и изразен урбан континуитет, распределен долж широкиот булевар Јане Сандански кој ја дефинира сообраќајната гужва.
Определена е од повеќе станбени згради за домување. Ваквата широка поставеност е карактеристична и за посовремените европски населби, иако градежните содржини знаат да бидат многу поразнолики и артикулитрани. Во случајов, населбата Јане Сандански се создава во едно социјалистичко општество, па затоа и има карактеристика на монотоно повторување. Сателитските целини се разликуваат меѓусебно преку угасени бои (зелени, црвени, кафеави…), според користените материјали или според градежните фирми од кои се изградени. Доколку оваа населба, вака поставена, беше во некоја либерална земја, би се развила со поголема разноликост, содржејќи поголем демократски карактер.
Најбитна од целината на оваа населба е, секако, дистрибуцијата на јавните ширини и нивното користење, поврзаностa преку бавниот сообраќај во рамки од паркинзи. Со тоа се прави место за изобилство на зелени и отворени површини. Тука се наоѓаат и новитетите во типологиите за домување кои оформуваат дворови на приземјето. Овие урбани џебови ѝ даваат и рурален стил на населбата во континуитет со нашата традиција. Станбените единици добиваат во квалитет преку природното осветлување, ветреење и пред сè преку прекрасниот поглед на блоковски низови кои тонат во околното зеленило. Внатрешните зелени појаси се исполнети со типологии од социјален и општествен караткер, како школи и градинки. Надвор од тој периметар, покрај булеварот и реката се развиваат комерцијални и спортски содржини.
Јане Сандански е успешен пример на урбанизам, затоа што целосно е населен и дополнително успеа да се самоодржи. Населбата солидно го издржува и периодот на транзицијата. Иако веќе е поставена и дефинирана во просторот, трпи битни измени кои задираат и во реалниот живот кој таму се одвива. Прво ја зафати бранот на кровните надградби и манипулации, кои само видно ја пореметија, но веќе со вториот бран се ризикува да се направи подлабок рез во нејзиното функционирање.
Во населбата генерално се живееше по нејзините маала, повеќето квартови каде граѓаните беа концентрирани по главните влезови покрај поголемите кули, урбаните кошеви, обемните зелени полјани кои прераснаа во игралишта и сиот оној простор кој беше „слободен“. Со време населбата се развиваше во неколку жаришта кои претежно зависеа од ТЦ „Бисер“ и таканаречената ситна околна економија, пазарот, продавниците и разноразни комерцијални содржини кои го отсликуваа локалниот фолклор. Тие иако групирани, беа од отворен тип.
Денеска населбата го губи својот квалитет. Иако таа стана дел од општината Аеродром и доби поголеми ингеренции, не успеа да го зачува својот рационален склоп. Во неа се појави самоволието на една номенклатура која во населбата виде многу повеќе личен интерес, отколку што покажа знаење, чест и доблест во креирање на нејзиниот оригинален урбан идентитет и јавен континуитет.
Без никаков увид, студија, дебата, јавен конкурс, почнаа да ги узурпираат постоечките празнини, и уште повеќе да ја оптоваруваат постоечката густина.Општината Аеродром е речиси 60 % урбанизирана (преку делот и на населбата) и нејзиниот ударен напредок треба да се одвива во преостанатите 40 % од нејзината површина, каде цели делови од неа (Ново Лисиче, на пример) трпат недостаток на елементарен развој и инфраструктура. Населбата Јане Сандански може да издржи и дополнителни групирања (тука доаѓа до израз нејзиниот планиран развој и прераспределба на простори), но никако не смее да се нарушува нејзината структура. Таа добро функционира самата по себе, и што се однесува до тоа, општината мора само да го генерира нејзиниот одржлив развој. Населбата има повеќе потреба од санација на нејзините постоечки објекти, партери, лендскејп (не кичерај паркчиња), културата, надополнување на нејзината економија… Општината не треба да профитира од веќе изградената инфраструктура во населбата, туку да ги решава проблемите и да инвестира во останатиот нејзин неурбанизиран дел. Токму во тоа се состои нејзиниот предизвик.
Најголеми предатори за населбата се секако градежните хакери Џеваир холдинг, Адора, спортски центар Јане Сандански и Капитол резиденс, кои го узурпираат хабитатот преку масивни и крути антиплански одредишта. Тоа се градежни фирми кои го деформираат ликот и животот на населбата и ја туркаат во загушеност. Голема грешка претставува и изградбата на Капитол молот, економија од затворен тип веднаш спроти ТЦ „Бисер“. Ова здание ја уништи целокупната околна трговија, а со тоа и интензитетот кој се создаваше од природниот тек и продор на население.Сите околни мали комерцијални објекти се затворија, а традиционалните кафулиња кои беа жариштето на локалните жители изумреа не можејки да ја следат масовната конкуренција на новиот мол кој уништи сè што преживуваше. Секако, молот отвори и нови работни места, но на населбата ѝ треба бенефит, а не конфликт во нејзината егзистенција.
Уште поголема опасност за Аеродром ќе претставуваат кулите „Скај сити“ кај реонскиот центар. Тие се потенцијален ризик како по густината, така и по масивноста која ќе ја генерираат. Ваков тип на радикален „реал естејт“ се користи во неразвиени средини (на пример, населбата Ново Лисиче), каде се форсираат делови од градот каде е потребен развој на зони кои имаат значително слаба густина. Со тоа се форсираат околните жители да добијат подобра цена за своите имоти и така да се стимулира конкурентноста на земјиштето. Во таков контекст општинската управа може да поддржува и гради инфраструктура. Типичен таков пример е обидот на градот Загреб да изгради облакодер среде кревката населба Трешњевка. Такви целини претставуваат економски зони кои нудат не само домување, туку и сите потребни единици за развој, функционирање и идно дополнување.
Само преку такви зафати на најдобар можен начин се оправдува глобализмот кој и во случајов може да делува само преку проучени, дебатирани и социјално одговорни плански потези.
Последиците од овие ад-хок урбанитети допрва ќе ги почувствуваме. Тоа наликува на она што го замислува Џејмс Балард во книгата High Rise (кондоминиум), каде за жал надреалната драма која ја третира ризикува да стане реалност во нашата пропадната градска демократија.
P.S.
Посветено на Емил и неговиот кафиќ
Александар Петров