Факултетите за безбедност во Скопје и во Белград и факултетските студентски собранија во рамки на Клубот за креирање на јавни политики за безбедност и меѓународни односи денеска ќе оддржат онлајн работилница на тема „Компаративна анализа на безбедносните системи со посебен осврт на справувањето на институциите со пандемијата во Република Северна Македонија и Република Србија”.
Покрај студентите на работилницата ќе зборуваат професорите Марјан Ѓуровски, Никола Дујовски и Марјан Николовски од Факултет за безбедност-Скопје и професорите Зоран Драгишиќ и Зоран Ќековиќ од Факултет за безбедност-Белград
Како што се наведува во соопштените од Факултетот за безбедност во Скопје, целта на оваа онлајн работилница е да се прикаже како безбедносните системи во регионот, односно на Република Северна Македонија и Република Србија се справуваат со корона вирусот и дали нивната поставеност е ефикасна во однос на борбата против овој невидлив непријател. Замислата е да се идентификуваат сите добри страни, меѓутоа воедно и сите пропусти кои се однесуваат на правната детерминираност, во однос на функционирањето на државните институции во време на вонредна или кризна состојба.
Факултетот за безбедност-Скопје при УКЛО со поддршка на Американскиот центар за образование започна со онлајн активности преку организирање на сесија на предавања од областа на јавните политики за безбедноста и меѓународни односи за студентите од Факултетот за безбедност-Скопје и другите факултети од земјата кои следат предметните програми за безбедносни политики, безбедносни стратегии, креирање на јавни политики, современи теории и концепти за безбедност и друго.
-Преку оваа активност е постигната целта за поттикнување на активностите во високотообразовните и во овие вонредни околности со цел мотивирање на студентите преку електронска комуникација, информираше проректорот на УКЛО проф.д-р Марјан Ѓуровски, иницијатор на онлајн клуб за креирање на јавни политики.
Сесиите вклучуваат предавања и дискуии од професори од странство, споделување на практики за донесување одлуки, пишување трудови, симулации и евентуални посети на институции кога ќе се создадат услови за тоа.