Обединетата македонска дијаспора (ОМД) побара основање на министерство за дијаспора во рамки на Владата на Република Македонија чија цел би била консолидирање на сите тела задолжени за прашања поврзани со дијаспората, вклучувајќи ги Aгенцијата за иселеници и Cекторот за дијаспора под Министерството за надворешни работи кое би работело во корист на Македонија.
Во писмото од Стојан Николов претседавачот на Управниот одбор на оваа организација на македонските иселеници со седиште во Вашингтон, испратено денеска до премиерот Никола Груевски во кое се бара основање на Mинистерство за дијаспора се наведуваат два примера на министерства за дијаспора на Словенија и Израел. Во склоп на словенската Влада, се посочува, има министер без портфолио задолжен за Словенците во странство и за словенечкото малцинство во соседните земји, како и словенечките емигранти во светот. Израел, од друга страна, пак, се вели во писмото, е можеби најуспешната приказна за тоа како да се инволвира дијаспората во корист на државата и како да се изгради мост помеѓу дијаспората и нејзината историска татковина. Владата на Израел традиционално ја има издигнато важноста на својата дијаспора на министерско ниво со функцијата Министер за информации и дијаспора, која служи како мост за комуникација помеѓу Израел и дијаспората.
– По примерот на други земји, ова т.н. „Министерство за прашања со дијаспората” би било задолжено за македонското малцинство во соседните земји и македонските иселеници ширум светот. Ова министерство би имало за цел да го заштити македонскиот идентитет, јазик и култура, како и да влијае позитивно врз надворешната политика во тие држави каде што живеат македонските иселеници во однос на Република Македонија.
– Дијаспората има нераскинлива врска со татковината и таа врска треба да се негува и искористи за добросостојбата на Македонија. Проценето е дека благодарение на Македонците од дијаспората 18-20 % од Бруто домашниот производ на државата доаѓа од инвестициите на македонските иселеници. “Имајќи ги во предвид придобивките од дијаспората, ОМД препорачува дека следниот чекор на Владата на Република Македонија кон македонската дијаспора би требало да биде издигнување на прашањето за дијаспората на кабинетско ниво, како би се изедначила важноста на дијаспората со други сектори, вели Николов во писмото.