„Таканаречениот „Мировен фестивал“ за само неколку минути стана простор за етнички национализам, започнувајќи со исвиркување на водителката кога почнала да зборува на македонски јазик. Самото Министерство потрошило околу 100.000,00 евра од државниот буџет за да се задоволат ниските емоции на мала група етнички националисти, со што слободно може да кажеме дека самиот настан, освен што ја осиромаши државата, го осиромаши и единството на македонската нација“, соопштија од Обединети за Македонија.
„Обединети за Македонија секогаш била на ставот дека единството на етничките заедници кои живеат во Македонија и чувството на припадност кон државата е клучно за успешен развој.
Со примитивниот етнички национализам заради неколку партии и поединци да се богатат и да собираат политички поени, се губи единството во државата.
Сите сме македонски граѓани, без разлика на вера, националност, пол и убедување. Но, односот на одредена група на луѓе кон нивната матична држава е акт на непочитување.
Обединети за Македонија е на став дека наместо таканареченото Министерство за политички систем чија цел е очигледна поделба на македонското ткиво и лично богатење на поединци, да се оформи Министерство за млади, по примерот на неколку европски држави, каде една од целите ќе биде промовирање на единството, без повредување на чувствата на една или повеќе етнички заедници, а како главна цел, ќе биде подобра младинска политика.
Да ги искористиме парите од граѓаните на продуктивни и културни цели“, се наведува во соопштението на Обединети за Македонија.