Судот во Солун го одложи донесувањето на одлуката за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошкоски во Македонија за 5 јануари следната година.
Претходно беше најавено дека одлуката на судот ќе биде донесена денеска, но поради неможност да биде обезбеден преведувач на македонски јазик во судницата, на што инсистирале адвокатите на двајцата обвинети, одлуката ќе биде донесена по Нова година.
Претходно, две рочишта беа одложени поради немање преведувач.
Грујевски и Бошкоски се обвинети од СЈО за предметите „Тврдина“ и „Таргет“, а беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври годинава, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта. Нивната намера беше да ја избегнат мерката притвор што им беше одредена откако СЈО поднесе обвиненија поради незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР, како и за физичко уништување на дел од таа опрема.