Судењето против Драган Павловиќ Латас за случајот „Тотал“ на СЈО денеска беше одложено поради лични и семејни причини. Судијката Славица Наумова Јосифовска го одложи судењето за 30 март бидејќи адвокатите доставиле докази за спреченост Латас да присуствува на судењето.
Во предметот „Тотал“, Латас е обвинет за даночно затајување како управител и сопственик на друштвото за маркетинг и пропаганда „Тотал маркетинг“ и уште три други правни друштва. Во обвинението се наведува дека од 2008 година до 2015 година тој и правното лице намерно одбегнале делумно плаќање даноци преку давање на лажни податоци.
Со тоа правните лица избегнале плаќање данок во износ од над 121 илјади евра, додека осомничениот избегнал плаќање данок од 63 илјади евра. СЈО посочи дека обвинетиот ги користел правните лица за купување на предмети и услуги за лични потреби. Набавени биле душеци, рачен часовник, мебел, персиски теписи и слични работи кои се припишувале на правните лица, иако повеќето од нив немале вработени лица.