Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери не се појавиа на рочиштето на кое го тужат екс разузнавачот Слободан Богоевски за навреда и клевета за сведоштво пред Окружниот суд во Њујорк за случајот „Маѓар Телеком“.
Судијата Нухи Рустеми ја сослуша адвокатката Билјана Панова, како полномошник на Американската комисија за хартии од вредност, пред која Слободан Богоевски ја дал изјавата. Таа се повика на кодексот за професионална етика на адвокатите и рече дека е обрзана да го чува во тајност она што го дознала при сведочењето на Богоевски.
– Ова е беспредметен судски случај и доказ дека продолжува политичкото силување на судството. Се принудува сведок да ја прекрши адвокатската заклетва дека е обврзан на тајност за тоа што го рекле клиентите и кој со налог на заштита е обврзан пред Њујоршкиот суд да не открива што кажал сведокот Богоевски за судската постапка што се водеше во Њујоршкиот суд. А за сведочењето на Богоевски, ако некој смета дека е лажно, пред судот во САД може да поднесе соодветна пријава“, рече адвокатот на Слободан Богоевски, Валентин Зафиров.
Судот побара на следното рочиште да биде сослушан нотарот Сашо Клисаровски. Расправата е одложена за 4 јули. Како отштета во овој процес Ахмети бара 3 милиони денари, а Џафери 2,5 милиони денари.