Одговореност и соработка за законот за ЈО бара Владата, партиите со непроменети ставови

Од:

Одговорност и соработка на политичките субјекти за законот за јавно обвинителство вчера побара премиерот во техничката Влада Оливер Спасовски. Ги повика партиите да бидат на висина на задачата бидејќи се работи за прашање од висок државен интерес. Од СДСМ и вчера со став дека има можност да се донесе законот до распуштање на Парламентот, а доколку е потребно и да се одржи лидерска средба. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат прво усогласување на ставовите на работните групи, а потоа, ако е потребно, лидерска средба.

Ставовите околу овој закон за кој веќе подолг временски период нема усогласеност вчера ги изнесоа првите луѓе на Владата и на двете најголеми македонски партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Спасовски од Кочани порача дека е неопходна соработка на сите вклучени страни во процесот.

– Да разговараме и да изнајдеме решение со цел да ги оствариме нашите национални интереси, а тоа и членството во НАТО и во Европската Унија, рече Спасовски.

Лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев останува оптимист дека Парламентот ќе ги донесе до 12 следниот месец сите неопходни законски решенија, меѓу кои и законот за јавното обвинителство за кој е неопходно двотретинско мнозинство. Останува на ставот да присуствува на лидерска средба доколку се наметне потреба за тоа.

– Тука сум на располагање да разговарам со сите за да изнајдеме решение. Сега сме растеретени затоа што предметите од СЈО се обезбедени, се во судска постапка под контрола на државниот јавен обвинител. Вака растеретени можеме во Парламентот да договориме структурно, суштинско решение за јавното обвнителство што би било поддржано од сите, изјави Заев, додавајќи дека верува оти ќе се најде двотретинско мнозинство.

Лидерската средба, ако има потреба од неа, според Заев, треба да се одржи поскоро бидејќи потоа би следувале процедурите во Парламентот, комисиска расправа, пленарна седница….

– На крајот на денот не се прашуваат само Заев и Мицкоски, тука и другите политички партии, независната пратеничка група, за да може сите да дадат свои сугестии за едно вакво суштинско, структурално решение, вели Заев.

Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицковски пак смета дека прво треба да се усогласат ставовите на работните групи, а дури потоа да се одржи лидерска средба.

– Ова што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што после 12 април ќе заминат во опозиција. Така што ако треба да се одржи средба само ради реда, немам намера да го губам времето. Тука се работните групи, во неделата што следи претпоставувам дека ќе имаат состанок и доколку ги приближат ставовите тогаш можеме да зборуваме за одржување лидерска средба, изјави вчера Мицкоски.

Законот за јавно обвинителство остана камен на сопнување меѓу власта и опозицијата. Подолг временски период не постои усогласеност меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Работните групи од двете партии неколкупати се обидуваа да ги доближат ставовите, но неуспешно. По доаѓањето на еврокомесарот Оливер Вархеј минатата недела и неговото уверување дека сегашниот парламентарен состав ќе му даде приоритет на овој закон, повторно се актуелизира ова прашање.

Би можело да ве интересира

ЈО за гонење организиран криминал и корупција отвори предмет за паднатата фасада на АД „МЕПСО“

Ана Ололовска

ОЈО: Нема место за јавно–обвинителска интервенција во преметот за МРП вакцините

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Почна маршот на ВМРО-ДПМНЕ за правда: „Никогаш Северна, само Македонија“

Габриела Димковиќ-Мишевска

Сопругата на Булент Ибрахим, починат од сепса по операција на хемороидите: Обвинителката ми се извини што осум месеци во фиока го чувале предметот

Маја Илиевска-Пачемска

ОЈО Кавадарци: Поради продажба на алкохол на малолетник, обвинение против едно физичко и правно лице

А1он

Обвинителството бара притвор за сопственикот на фирмата каде беше најден кокаинот