Одбраната на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, побара укинување на првостепената пресуда за време на денешната расправа во Апелациониот суд.
Како што велат адвокатите на Бошкоски, во постапката има сериозни нарушувања на правото поради што предметот нема потреба, велат, повеќе да се враќа во Кривичен суд. Доколку, пак, Апелација одлучи повторно да се постапува по обвиненијата за двојно убиство, одбраната инсистира да се промени составот на судиите во првостепената постапка, за да не одлучуваат истите судии по трет пат за ист предмет.
-Денеска ги изложивме нашите жалбени наводи, исто и Јавното обвинителство кое бара да се врати предметот по тоа што ЈО смета дека треба да биде опфатено со умисла и убиството на Киро Јанев, затоа што пресудата е сега само за Тушевски. Ние, пак, бараме комплетно да се донесе ослободителна пресуда и инсистиравме предметот да не биде враќан во провсстепен суд, особено не во тој состав. Очигледно судот во тој состав нема капацитет да суди затоа што предметот е веќе еднаш вратен и не е постапено по напатствијата на Апелација. Повторно има флагрантни кршења на процесот на право – вели адвокатот Константин Кратовалиев.
Тој подвлекува дека случајот нема потреба повеќе да се враќа во првостепена постапка затоа што, вели, има многу кршења на процесното и на материјалното право.
Бошковски денеска не беше присутен на расправата во Апелација затоа што не го признава легитимитетот на судот. Од партијата „Обединети за Македонија“ вчера испратија соопштение до медиумите во кое најавуваат дека наскоро опозицијата ќе објави нов пакет прислушувани разговори поврзани со случајот „Ровер“.
Кратовалиев вели дека без разлика дали овие наводни разговори бидат утврдени како автентични, сепак треба да бидат показател за судиите, барем од морален аспект.
-Се најавува дека таков материјл има, но тоа е само претпоставка. Не знаеме ништо сега за сега. Доколку постојат такви материјали ќе бидат комплетно нов доказ само ако има автентично толкување. Зависи што материјал ќе биде, ако укажува на тоа дека постојат сериозни индиции дека процесот е монтиран или нарачан би бил нов доказ за повторување на постапката, само под услов да е автентичен. Сепак моралните аспекти се доволно за судот да има предвид пред ценењето на целиот процес, сметајќи од изведените докази па натаму – вели тој.
Според информациите од ОМ, новата серија разговори докажуваат дека процесот против Бошковски е нарачан од владејачките структури. Како што рекоа од таму, јавноста ќе чуе во еден момент дека висок функционер бара да се најде начин за Бошковски да не излезе од затвор.
Екс-министерот беше осуден на казна затвор во траење од 10 години откако Кривичен суд ја преиначи првата пресуда, по одлуката на Апелација судот по втор пат да одлучува за предметот. Првостепениот суд во нова постапка повторно ги прогласи обвинетите за виновни.
Судот овојпат кај обвинетите за помагање не утврди умисла за убиство на Киро Јанев, туку само на Марјан Тушевски, па обвинетите добија пониски казни. Зоран Трајковски доби 8,5 години затвор, Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ добија по 7 години затвор, додека на Гоце Митревски и Никола Негриевски им беа изречени затворски казни од 6 години затвор.
Маја Васева