Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје ги одби жалбите на Специјалното јавно обвинителство што ги поднесе против одлуката на Судот да не бидат определни мерки за претпазливост за останатите тројца осомничени во случајот „Тврдина“.
„Постапувајќи по жалба на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ) изјавена против решенијата на судија на претходна постапка за лицата Т.Ј., Н.Б. и В.С., опфатени со предметот на СЈО во јавноста познат како „Тврдина“, донесе одлука со која жалбата на обвинителството се одбива како неоснована, а решенијата на судија на претходна постапка со кои се одби предлогот за определување мерки за претпазливост за сите три лица, се потврдуваат“, се вели во соопштението на Судот.
Во понеделникот беа одбиени мерките за претпазливост што ги побара СЈО, а пред десетина дена судот го отфрли и барањето на Специјалното јавно обвинителство за одземање на пасошот на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, третоосомничена во случајот Тврдина.
Во овој предмет судот единствено одреди мерка одземање на пасошот на првоосомничениот Горан Грујовски, сега веќе разрешен началник на петтата управа, за кого пак беше побаран притвор.
Предметот се однесува на уништување на двата система за прислушување вредни околу 10 милиони евра.