Одбележан Денот на Армијата, Пендаровски одликуваше 13 војници

Од:

Нашата Армија даде огромен придонес и помош за време на природните катастрофи, од кои беа погодени нашите партнерски земји – земјотресите во Турција, поплавите во Словенија, а застана и во поддршка на украинскиот народ. Највисоко признание за припадниците на Армијата не се ордените и медалите, туку довербата која во нив ја имаат македонските граѓани. Армијата е чувар на сè она што го држи македонското општество заедно, беше порачано денеска по повод 18 Август – Денот на Армијата.

Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски на свеченоста, што се одржа на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, порача дека македонските граѓани денес се посигурни поради безбедносниот штит на НАТО Алијансата, а најистурен дел од тој штит се припадниците на Армијата.

Тој потсети дека од самиот почеток како држава придонесуваме кон заедничките напори за поддршка на Украина во нејзината борба против руската инвазија. Ние сме, како што рече, меѓу петте држави членки на Алијансата според односот меѓу Бруто домашниот производ и воената и материјално техничка помош што ја даваме на Украина во овој критичен период. Пендаровски порача дека мора да продолжиме да вложуваме во нашата одбрана и безбедност.

Целта е, посочи, да имаме Армија која ќе биде не само структурно подобрена, туку и модернизирана со современи борбени средства и опрема за одбрана на татковината.

Годинава, посочи премиерот, буџетот за одбрана е 1,85 проценти од БДП и е поголем од буџетот за минатата година за 24 проценти.

-Силната поврзаност и меѓусебната доверба и почит кон Армијата од граѓаните нè охрабрува, но и ни дава задача во иднина како Влада да направиме сè, Армијата да го има сето она што и е потребно за да продолжи силно да се развива. Интеграција во европските структури е на врвот на приоритетите. Пред нас е остварување на уште една стратешка цел, членството во ЕУ, рече премиерот.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска посочи дека овој ден се одбележува во спомен и слава на првиот партизански баталјон Мирче Ацев, кој точно пред 80 години на овој ден се конституираше на падините на Славеј планина. Ова, како што рече, беше првиот симбол и најава на македонската државност која потоа беше потврдена со Првото заседание на АСНОМ.

-Членството во НАТО е веројатно најголемото признание што можеме да им го дадеме на околу 200 припадници борци, кои го основаа баталјонот Мирче Ацев, но и на сите херои кои ги положија своите животи на браникот на слободата за време на Втората светска војна во битката со фашизмот, заедно со многу партизани од цела Европа и сојузнички војски. Покажавме дека сме достојни како нација, како држава и како армија да чекориме рамо до рамо до најсилниот политички сојуз на денешницата. Покажавме дека нивните вредности ги живееме како свои и дека сме достојни наследници на нивната жртва и идеалите за кои се бореа како што се слободата и солидарноста, рече Петровска.

Таа потенцираше дека во време на глобална криза застанавме рамо до рамо со сите нации кои имаа потреба. Им помогнавме на Турција, на Словенија, но и на Украина.

-Иако сме мала држава ние сме луѓе со големи срца, и тоа го покажавме и во Турција и во Словенија, помагајќи им на нашите пријателски народи да се справат со последиците од природните катастрофи. Застанавме и во поддршка на украинскиот народ. И помогнавме на Украина не затоа што мораме, туку затоа што тоа е единствениот начин да бидеме на вистинската страна на историјата, рече Петровска.

На денешната свеченост, Пендаровски одликуваше 13 припадници на Армијата со медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територија на државата, а со медал за храброст беа одликувани 60 армиски припадници кои учествуваа во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес во Република Турција.

Исто така, претседателот ги соопшти Указите за унапредување во генералски чин, а од страна на министерката Петровска беа доделени чинови на унапредени старешини во чин полковник.

Би можело да ве интересира

Политико: На Украина очајно и требаат војници

Отворен ден на АРМ по повод годишнина од членството на Македонија во НАТО

А1он

ВМРО-ДПМНЕ: Власта да ја стопира набавката од 250 милиони евра за транспортни хеликоптери во изборен период

Отворен ден на Армијата по повод четири години од членството во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата

Армијата за 230 милиони евра ќе се опреми со осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“

АП: На Украина очајно и требаат нови војници