Во повеќе градови во државата, како и во цела Европа, во рамки на Европската недела на мобилност (ЕНМ), се одбележува Денот без автомобили, 22 Септември.
Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), годинава поради неповолната епидемиолошка ситуација предизвикана од Ковид-19 активностите се организирани претежно преку онлајн кампањи, но за некои градови во државата тоа не беше пречка да организираат активности и со физичко присуство на граѓаните, секако, со почитување на сите потребни здравствени протоколи.
-Промоција на чекори и мерки што ќе овозможат јаглеродно неутрална средина, како долгорочна цел на Европската недела на мобилност е главна цел на организираните активности. На тој начин, особено во овие услови на пандемија од Ковид-19 што јасно укажаа на потребата од промена на секојдневните навики, МЖСПП во улога на национален координатор, се надева дека кај граѓаните, граѓанските организации и општествено одговорните компании ќе иницира подигање на свеста за зачувување на животната средина, поттикнување на помасовно користење на алтернативни превозни средства и споделување на најдобри практики за урбана мобилност од страна на градовите, стои во соопштението.
Во одбележувањето на Европската недела на мобилност активно се вклучија повеќе македонски градови, Скопје, Битола, Прилеп, Велес, Берово, Кочани, Пробиштип, Куманово, Гостивар.
Притоа, во рамки на кампањата се организираа велосипедски дефилеа, промовирање на пешачки зони, нови велосипедски патеки, еколошки програми и проекти, мобилни апликации и слично. Активностите и настаните се во духот на овогодинешната тема на ЕНМ „Мобилност за сите без емисии“, со која се потенцира значењето на пристапноста до превозот без емисии и се промовира важноста на изборот на секој поединец, граѓански организации или компании, дека со личниот избор на начинот на транспорт секој може да придонесе за почист воздух во градовите, помал сообраќаен метеж и поздрав, поразновиден а воедно и позабавен начин на превоз.
МЖСПП изразува благодарност до Делегацијата на ЕУ и ЕУ Инфо Центарот кои помогнаа брошурите, кампањските материјали и интерактивните алатки кои ги употребуваат и останатите држави вклучени во одбележувањето на Европската недела на мобилност 2020 да бидат достапни на македонски и албански јазик. Материјалите се достапни на следните линкови: ТЕМАТСКИ НАСОКИ и 10 лекции ЗА ПОДОБРА УРБАНА МОБИЛНОСТ научени од пандемијата.
Оваа година во Европската недела на мобилност со свои активности учествуваа 2900 града од 51 држави од Европа и светот.