Директоратот на романската обвинителка Лаура Кодрута Ковеси и хрватски УСКОК се дел од јавно-обвинителските организации во тие земји. Нивен пандан во Македонија треба да биде Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, кое е под контрола на режимот. СЈО на чело со Катица Јанева има ограничен мандат и засега се соочува со огромни отпори и опструкции.
Автор: Ана Анастасовска
Следната недела, на 22 март, во Скопје ќе пристигне романската обвинителка Лаура Кодрута Ковеси, под чие водство, Националниот директорат за антикорупција во Романија (ДНА), некогашна неактивна агенција, спроведува неочекувано енергични акции против кражбите и корупцијата во земјата. Ковеси во Скопје ќе има средба со специјалната обвинителка Катица Јанева, со која заедно ќе споделуваат искуства за борбата против корупцијата, на конференција која ја организира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Која е Лаура Кодрута Ковеси?
Работата на Националниот директорат за антикорупција од Романија покажува дека битката против корупцијата во врвовите на власта не е невозможна мисија. Во изминатите две години, Романија, од земја со репутација на најкорумпирана членка на Европската унија, стана пример за бескомпромисна борба против корупцијата на државните функционери.
Романскиот ДНА е посебно тело во состав на обвинителството задолжено за истрага, откривање и гонење на корупција од високо и средно ниво. По именувањето на новата јавна обвинителка Лаура Ковеси во 2013 година, Директоратот забележува значајни резултати и во текот на 2014 година успева да покрене обвиненија против 1.138 личности на високи функции, вклучувајќи 24 градоначалници, пет пратеници, двајца поранешни министри, како и против поранешниот премиер Адријан Настасе, кој заврши зад решетки. Лани, уште 15 романски пратеници се најдоа под истрага, од кои четворица се поранешни министри, а не беше поштеден ниту актуелниот градоначалник на Букурешт, Сорин Опреску. Обвинети беа и еден генерал на армијата, четири обвинители и 18 судии. Најголемиот дел од овие обвиненија завршија со пресуди.
Во јуни, минатата година, Директоратот поведе истрага и против тогаш актуелниот премиер Виктор Понта и даде налог за замрзнување на неговиот имот. Истрагата за негова вмешаност во корупција предизвика демонстрации, кои кулминираа на почетокот на ноември, по пожарот во ноќен клуб во Букурешт, каде животот го загубија 35 лица, додека повеќе од 100 беа повредени. По овој настан, Понта конечно си даде оставка и ја разреши владата. Меѓу оние кои веќе се ставени во притвор е и Виорел Хребенциус, моќен брокер, кој некогаш се сметаше за недопирлив.
Што може Јанева да научи од романската колешка?
ДНА е формирана во 2003 година, но со години беше насочена само кон државните службеници од понизок ранг, додека на големите ѕверки им дозволуваше голема комоција. За Кодеси велат дека го започнала најголемиот „политички земјотрес” во Романија од 1989 година до денес. Нејзините критичари, особено од медиумската група контролирана од Дан Воикулеску, политички и бизнис магнат осуден во август минатата година на 10 години затвор за корупција, водеа немилосрдна кампања да се оцрни нејзиното име и името на нејзината агенција. Истото се случува и кај нас, односно медиумите кои се под контрола на власта, од денот на изборот на Катица Јанева, постојано се обидуваат да го оцрнат нејзиното име, навлегувајќи во нејзината имотна состојба, па дури и во нејзината приватност, смислувајќи груби лаги за неа и нејзиниот тим, пласирајќи ги како вистинити, преку одредени таканаречени портали.
Ако квалификациите за Ковеси се дека таа одработува за политичките опоненти на Понта, како и дека нејзините методи за откривање на корупцијата потсетуваат на романските тајни служби во времето на социјализмот, власта за Јанева вели дека работи под диктат на Зоран Заев и дека нејзините методи на испитување на сведоци потсетуваат на оние од времето на комунизмот. Имено, неодамна, наводни сведоци испитувани од страна на обвинителите на Јанева, се пожалија на несоодветниот третман, што резултираше со поднесени над 30 кривични пријави против Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
На опструкциите и дисквалификациите, Ковеси секогаш одговарала со јавно, транспарентно и проактивно работење, со што го придобива мнозинството од јавноста на своја страна: повеќе од 60 проценти и веруваат на оваа институција. Бескомпромисноста на Ковеси и видливите резултати кои таа ги постигнува, ја враќаат вербата дека никој не е недопирлив и дека корупцијата во високите ешалони на власта може да биде ефективно прогонувана и сузбиена. Адвокатот Александар Тортевски вели дека Јанева треба да го земе примерот на Ковеси и да биде храбра и истрајна во борбата против организираниот криминал и корупција во земјава.
– Основното прашање е дали во општеството има општ консензус да се дејствува против организираниот криминал и корупцијата, или, пак, огромен процент од институциите свесно ќе опструираат. Романското обвинителство, на пример, дневно покренува по четири обвиненија во просек. Во него има околу 1.000 вработени. Генерално, цела Романија е поставена така што и дава поддршка на Ковеси. Кај нас има огромен број луѓе и институции кои свесно ја опструираат работата на Катица Јанева. Другите обвинителства го доживуваат СЈО како непријателско и како спротивна судска страна. СЈО е нова институција и тоа треба постојано да отвора предмети и да собира докази, да не се откажува. Сериозните опструкции ќе навлезат во криминал, за кој, согласно Кривичниот законик, следат одредени санкции. Потребно е Јанева јасно да им стави до знаење на сите оние кои ја блокираат нејзината работа, дека сето тоа ќе биде забележано и документирано и дека тие луѓе ќе се соочат со правдата – вели Тортевски.
Искуствата на хрватски УСКОК се импресивни
Во регионот, слична институција на македонското СЈО има и во Хрватска. Станува збор за Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК), формирана во 2001 година, на иницијатива на владата. Канцеларијата е посебно државно обвинителство, специјализирано за гонење на корупција и организиран криминал, со седиште во Загреб, а е надлежна за подрачјето на цела Хрватска.
Големо внимание во работата на оваа канцеларија е посветено на спроведување на финансиски истраги заради замрзнување и одземање на противправно стекнат имот. Досегашните резултати го позиционираа УСКОК како државно обвинителство кое може да претставува модел на успешна борба против корупцијата и организираниот криминал. УСКОК, меѓу другите, покрена обвиненија против хрватскиот премиер Иво Санадер, кој беше осуден за извршување на кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба, за што доби казна затвор од девет години.
Поранешниот обвинител Јован Трпеновски укажува на сличностите меѓу двете специјални институции во Хрватска и во Македонија:
– Специјалното јавно обвинителство дојде како потреба од политичката криза и произлезе од Договорот од Пржино. И хрватскиот УСКОК беше формиран како институција после економската и политичката криза во земјата и со сознанието дека организираниот криминал претставува основна пречка за развој на демократскиот и стопанскиот живот во Хрватска. Со формирањето на УСКОК пораснаа надежите на хрватската јавност, посебно на стручната, дека со преземање на законити и ригорозни мерки, ќе почне вистинска борба против организираниот криминал. Ваквите очекувања се остварија. Со формирањето на Специјалното јавно обвинителство во Македонија се отвори можноста за конкретни мерки за гонење на сторители на организиран криминал. Ваквата институција беше неминовна, бидејќи редовното, Јавно обвинителство, наспроти очигледните противправни дејства на функционери од власта и од бизнисот, институционално не презема ништо. Антикорупциската комисија нема такви овластување. СЈО ги има истите ингеренции како УСКОК – да поднесува обвиненија, да ги застапува и да учествува во постапките. Разликата е во тоа што УСКОК има поддршка во Хрватска, а во Македонија Јанева се соочува со отпори.
Мандатот на Катица Јанева сепак е ограничен
Претседателката на „Транспаренси Интернешнл“, Слаѓана Тасева, вели дека СЈО е ад хок обвинителство, формирано со посебен закон, кое има конкретен мандат за кои кривични дела може да постапува и утврден рок во кој треба да ги спроведе активностите.
– По истекот на времето за кое е формирано, СЈО треба да престане со работата. УСКОК во Хрватска е дел од Јавното обвинителство во таа земја, кое е формирано со посебен закон и со надлежност да постапува по сите дела поврзани со организираниот криминал и корупцијата. Тоа е институција од траен карактер, која внатре содржи посебни единици за истраги и за превенција. УСКОК има и регионални единици во Јавното обвинителство, но и регионални полициски единици (ПУСКОК), кои се задолжени за прибирање на информации и постапување по барањата на јавниот обвинител. Исто така и Романското обвинителство за борба против корупцијата е дел од структурата на јавното обвинителство. Разликата не е само во начинот на формирање, туку и во мандатот, односно во групите кривични дела по кои можат да постапуваат и во поставеноста во системот на јавно-обвинителската организација. Пандан на УСКОК и ДНА во Македонија е Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, кое, за жал, не успеа да одговори на својот мандат и улога и не ја постигна целта поради кое беше формирано. Непостапувањето на ова обвинителство доведе до потребата од воспоставување на СЈО – вели Тасева.
Аналитичарите веруваат дека Јанева ќе истрае во борбата против организираниот криминал, односно дека во Македонија ќе се создаде политичка клима која ќе овозможи СЈО, без опструкции и притисоци, да успее да ја заврши работата за која е формирано. Во извештајот за работата на тимот на Јанева за првите шест месеци од формирањето, објавен пред некој ден, се вели СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица, од кои 29 предмети во 2015 година против 77 лица и еден предмет во 2016 година против 3 лица. Катица Јанева му порача на Советот на јавни обвинители дека, доколку не ги достави предметите кои ги побарала, ќе биде принудена да воспостави надлежност врз нив врз основа на прислушкуваните материјали и да се легитимира во постапките по таквите предмети, за да ги исполни своите законски обврски.
Деновиве се очекува нова офанзива на Јанева, по што ќе стане појасно дали притисокот на меѓународниот фактор врз власта да му се даде „фронт за работа“ на СЈО вродил со плод. Во секој случај, дури и со она што до сега е сработено, а посебно со очекувањата и со вниманието со кое е опсипана, Катица Јанева ќе има со што да се пофали пред романската обвинителка шампионка Лаура Кодрута Ковеси.