Сите лица кои се во социјален ризик денеска можат да се пријавуваат во надлежните центри за социјална работа, да поднесат барања за да може може да ги добијат новите надоместоци предвидени со социјалната реформа. Исплатата на социјалните права, според новите закони, почнува во текот на идниот месец, а помошта се зголемува за околу 300 отсто. Со реформата годишно во буџетот се предвидени две милијарди денари.
Според МТСП, со реформата се опфатени сите кои досега примале социјална помош, домаќинствата со деца кои се со една минимална плата, невработени родители кои чувале деца со попреченост, а се над 62 години за жена и 64 години за маж, и лица над 65 години кои не оствариле право на старосна пензија, поради тоа што немат доволно години стаж, вклучувајќи ги и тие без ден работен стаж. Со социјалната реформа, МТСП очекува да се извлечат повеќе од 30.000 домаќинства од сиромаштија.
Со оваа реформа се воведува семеен пакет или минимален адекватен приход што ги содржи во себе и детскиот и образовниот додаток, енергетскиот додаток, но и оној социјален трансфер што државата има обврска да го трансферира кон сиромашните семејства. Со целата реформа се зголемува за 20 пати бројот на деца кои ќе примаат детски и образовен додаток. Со реформата првпат се воведува и Закон за социјална сигурност на стари лица, а со тоа се воведува и државна пензија во износ од околу 6.000 денари, која се исплаќа преку социјалниот систем, а не како контрибуција од пензискиот систем. Шест илјади граѓани кои не оствариле право на старосна пензија првпат треба да го добијат овој надоместок.
За лицата со попреченост дополнително се воведуваат мерки кои ќе го олеснат секојдневното живеење на родителите на децата со попреченост, но исто така сите трансфери кои се однесуваат директно за олеснување на живеењето на лицата со попреченост остануваат во овој закон како такви и постојано се унапредуваат. Се воведува траен надомест од 8.000 денари за сите родители кои чувале дете, а сега се на возраст од 62 или 64 години. Дополнително за оние родители кои имаат дете со попреченост, а се вработени надоместот за скратено работно време ќе изнесува до 50 проценти од просечната плата, а тоа е речиси за три пати зголемување на надоместокот кој денеска го земаат тие родители.
Корисниците на социјална парична помош кои се веќе во системот, а имаат деца во образовен период (основно и средно образование) ќе бидат повикувани во центрите каде треба поднесат барање за да може во следната исплата во јуни која ќе се однесува за мај да им се пресметаат и образовниот и детскиот додаток и да се оформи семеен пакет.
Со социјалната реформа четиричлено семејство со две школски деца ќе зема месечен надоместок од 10.600 денари. Ова е семеен пакет кој што ги содржи правата од гарантиран минимален приход, детскиот и образовниот додаток и енергетскиот додаток. Истото семејство сега најчесто земало социјална помош од околу 3.000 денари.