Од 14 илјади бракови, колку што годишно се склучуваат во Македонија, 13 проценти се малолетнички и тоа во најголем дел склучени со малолетни девојки од ромската заедница.
Потребно е да се сензибилизира јавноста за ова прашање, а младите да се едуцираат и да дадат отпор да не им бидат наметнувани вакви бракови.
– Девојките кои ги склучуваат овие бракови честопати се доведени во заблуда. Затоа целта на одбележувањето на овој Меѓународен светски ден на женското дете е да се сензибилизира прашањето за неговите права и намалување на можноста и ризикот од злоупотреба на женските деца, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на одбележувањето на овој ден.
Влегувањето во малолетнички бракови, додаде, е состојба во која што се злоупотребува женското дете со оглед на фактот што, како што рече, станува збор за малолетно лице кое не одлучува само за себе и не може правилно да расудува. Затоа, посочи, потребно е младите да се едуцираат и да се поттикнат да се школуваат.
– Ние како држава ќе направиме максимум во насока на зголемување на свеста кај населението да се избегнуваат овие форми на склучување брак поради тоа што ова е спротивно на интересите на младите деца. Ние ќе се фокусираме да ги едуцираме и поттикнеме да го продолжат своето образование и на тој начин да добијат правилен раст и развој, рече Ристовски.
Според него, склучувањето вакви бракови неретко се оправдува со традицијата, вредностите и обичаите. – Апелираме младите да дадат отпор и да не прифатат да склучуваат вакви бракови. Ние ќе им помогнеме преку едукација и посебни кампањи, рече Ристовски.
Директорката на УНФПА Дојна Болога се согласува со ставот на министерот дека најголем дел од малолетничките бракови се од ромската етничка заедница и оти треба да се направи кампања за едукација, која би се базирала врз претходно обезбедени податоци.
– Се работи за кршење на човековите права и правата на децата. Македонија досега има спроведено многу добри кампањи во соработка со ОН за различни прашања и се надевам дека и овојпат заедно ќе направиме се младите да ги едуцираме да не дозволат да бидат насилно натерани да стапат во малолетнички бракови. Многу е значајно тоа што овие деца најчесто се дел на заедници кои веќе се обесправени, па ова би било еден начин да се прекине тој круг на сиромаштија кој се пренесува од генерација на генерација, рече таа.
Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ во Македонија смета дека ниту едно дете не треба да склучи брак пред да наполни 18 години. За тоа да се исполни, рече, многу е важно овие деца да продолжат со своето образование и да посетуваат и завршат средно училиште. На таков начин, истакна, многу ќе се намалат можностите тие да склучат такви бракови пред осумнаесетата година.
Во Македонија склучување брак е дозволено на лица со наполнети 18 години, а може да се дозволи и за лица со наполнети 16 години доколку достигнале духовна и телесна зрелост, за што мислење треба да даде соодветна здравствена установа.
Согласно Кривичниот законик, живеењето во вонбрачна заедница со малолетно лице или дозволувањето да постои таква заедница е кривично дело за кое е предвидено затворска казна од три месеци до три години.