ВИДЕО: Од 1 јануари за 10 отсто повисоки плати за вработените во образованието

Од:

Над 32 илјади вработени во образованието и науката од 1 јануари ќе добијат повисоки плати за 10 проценти. Спогодбите беа потпишани денеска во Владата меѓу Самостојниот синдикат на образование наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука .

Повисоки плати ќе добијат околу 20.000 вработени во основното образование, 8.000 во средното, 4.500 во високото образование и 220 вработени во научните институции.

Честитајќи го потпишувањето на спогодбите, премиерот Зоран Заев истакна дека покачувањето на платите во образованието и науката е резултат на определбата на Владата да биде Буџетот за 2020 година посветен на инвестициите во човечкиот капитал.

– Тоа е инвестиција за нашата иднина, за нашиот економски раст. Тоа е инвестиција и еден од начините за решавање на еден од нашите најголеми предизвици како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови и да ги направиме посреќни и помотивирани на нивните работни места. Оваа Влада одлучи да ја запре стагнацијата во вложувањето во луѓето во овие сектори. Ние го поттикнуваме инвестирањето во човечкиот капитал, и во оваа насока, во Буџетот за 2020, во функциите здравство, образование и социјална заштита инвестираме вкупно 154 милијарди денари. Тоа е зголемување од повеќе од 10 милијарди денари во споредба со ребалансот од 2019 година, односно последниот Буџет, нагласи Заев.

Тој додаде дека целта е да се создаде образовен систем кој ќе биде генератор на општествениот и економскиот развој на државата.

Според министерот за образование и наука Арбер Адеми, со покачувањето на платите се подобрува материјалниот статус на вработените во образованието. Тој најави дека и во следниот период ќе се работи на враќање на дигнитетот и достоинството на професијата наставник во општеството.

– За период помал од две години имаме најголемо зголемување на платите во еден мандат на една Влада. Со овие политики и зголемување на платите даваме сериозен придонес за подобрување на материјалниот и општествениот статус на вработените во образованието, рече Адеми по потпишувањето на спогодбите.

Од СОНК се задоволни од социјалниот дијалог со ресорното Министерство и од постигнатиот договор за покачување на платите, но она што останува да се сработи во следниот период е потпишување на колективен договор за високото образование.

– Колективниот договор е во работна верзија. Работните групи треба да почнат да работат и да се утврди текстот. Сметам дека во наредниот период е од големо значење да се донесе ваков колективен договор, рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Во следниот период, според Неделков, треба да се разговара и за измените на колективните договори за основно и за средно образование, за враќањето на регресот за годишен одмор, враќањето на надоместокот за превоз за наставниците кои одат на работа во руралните средини и плаќањето на прекувремената работа.

Би можело да ве интересира

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови

МОН не го послуша Советот на Општина Велес: Скрати македонска паралелка во гимназијата

Орце Костов

До крај на година ќе се учи секоја сабота: Неработните денови за учениците преку ноќ станаа работни

Орце Костов

Советот на СОНК на вонредна седница одлучи в понеделник да протестира пред Министерството за култура

Неделков: СОНК нема да дозволи исплата на плата спротивно на Колективниот договор за култура

Катерина Ѓуровски

МОН: Не укинуваме паралелка на македонски јазик во велешката гимназија

Орце Костов