По однос на кривичниот предмет познат во јавноста под називот „Монструм“, а се однесува на петкратното убиство во атарот на село Смиљковци во м.в. „Смилковско езеро“, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска соопшти дека по завршената истрага, оцени оти има доволно цврсти докази кои ќе бидат изнесени пред надлежниот суд, а со кои ќе се докаже дека обвинетите навистина ги превземале дејствијата опишани во Обвинителниот акт, кои ги исполнуваат битните елементи на кривичните дела кои им се ставаат на товар, пренесува МИА.
Меѓународните стандарди во областа на заштитата на сведоци и жртви, а кои стандарди се прифатени и се дел од Законот за заштита на сведоци кој се применува во Република Македонија, како и одредбите во Законот за кривична постапка, обезбедуваат инструменти преку коишто се заштитува идентитетот на заштитените сведоци и нивните семејства, се подвлекува во соопштението и се потенцира дека каква било шпекулација изнесена во јавноста по однос на заштитени сведоци остава простор за разоткривање на нивниот идентитет со што може да се загрози нивниот живот и животот на нивните најблиски. Тоа, се посочува, е во спротивност со потребата пред судот во законита постапка да се утврди материјалната вистина со што се причинува директна штета на сите учесници во кривичната постапка.
Поради шпекулациите изнесени во одредени медиуми околу наводно истечен мандат на јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, меѓу кои и на јавниот обвинител Гордана Ѓешкоска, соопштуваат дека сите јавни обвинители коишто ја извршуваат својата функиција во ова јавно обвинителство имаат мандат во рамки на кои тие ја извршуваат својата секојдневна работна задача. Мандат за својата функција има и јавниот обвинител Гордана Ѓешкоска.