Обвинителот на СЈО: Груевски барал со динамит да се урне „Космос“

Од:

Никола Груевски барал со динамит да се урне објектот „Космос“, рече денеска обвинителот на СЈО на почетокот на судењето во кривичниот суд во Скопје за уривањето на станбениот комплекс.

Во предметот, кој според новиот распоред на судии го суди Огнен Ставрев, првообвинет е поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Покрај него, обвинети се уште шест лица: ексминистерот Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Истрагата за предметот со кодно име „ТНТ“ беше отворена во април 2016 година, а летото 2017 година Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинителен акт.

Штетата од уривањето на „Космос“ сe проценува на 16 милиони евра, а од обвинителството тврдат дека постојат сведоци, материјални, но и аудио – визуелни докази. Според нив, кривичното дело е политичка одмазда, од страна на Груевски, Јанакиески и Трајковски кои всушност сакале да му се одмаздат на Фијат Цаноски, бидејќи ја напуштил коалицијата.

Како што рече обвинителот, во телефонскиот разговор, во моментот кога решаваат да се врати одобрението за градење, Груевски побарал од Јанакиески, да изнајде начин ако треба во иднина повторно да може да му се одземе одобрението за градење.

„Со цел постапката пред јавноста да биде институционална, го искористиле и Трајковски како градоначалник на општина Гази Баба за да влијае врз инспекторката Елисавета Најдовска да ја реализира постапката за незаконското рушење на објектот“, вели обвинителот.

„Инспекторката рекла дека не може да се реализира тоа, но, Трајковски кажал од каде доаѓале наредбите и извршила злоупотреба, бидејќи потпаднала под влијание на Груевски, Јанакиески и Трајковски. Мерењето било незаконски во незаконска фаза. Отстапките кои се утврдени, се противзаконски, а тоа е причината за остранување на градбата”, додаде обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми.

Според Рустеми, низ телефонски разговори се слуша како течела цела постапка, по нарачка од Груевски. Стручните мислења од Архитектонскиот факултет кои биле во спротивност со обвинетата инспекторка Најдовска, не ја спречиле во август 2011 година да го сруши објектот со динамит.

„Во текот на доказната постапка од аудио снимките, смс пораките, вербалните докази ќе докажеме дека во текот на рушењето на Космос, откако Груевски не бил задоволен од динамиката на рушењето, побарал од Јанакиески во најкраток можен рок објектот да биде срушен со динамит”, рече обвинителот Стевчо Донев.

К. Ландов

Би можело да ве интересира

Кривичен за „ТНТ“: Мериторно одлучување на второстепениот суд при жалбени постапки е единствен начин за судење во разумен рок и економичност и ефикасност на постапките

И Обвинителството и одбраната бараат застарување на случајот за уривањето на Космoс

Александар Тодески

Апелацискиот суд ќе одржи јавна средница за случајот „ТНТ“

Цаноски: Судијата Ристов има намера да го застари предметот ТНТ и да не добијам отштета од 11 милиони евра

Предраг Петровиќ

Дел од измените на Кривичниот законик од утре стапуваат на сила: Што ќе значат за осудените ексфункционери

Александар Тодески

Пресудата за „ТНТ-рушење на КОСМОС“ е неиздржана, истакна одбраната на јавната седница во Апелација

Ана Ололовска