Утрово во судот беа доставени две барања за одлагање на рочиштата за „Траекторија“ и „Транспортер“ на СЈО. Барањата се од Државното јавно обвинителство и од Специјалното јавно обвинителство.
Во предметот „Транспортер“, поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица се товарат за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.
Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-директорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.
Судот ги одложи и двете судења.
Претходно беа одложени и рочиштата за „Титаник“, „Титаник 3“ и „Тортура“, поради префрлување на предметите од СЈО во Републичкото јавно обвинителство.
Од предметите за кои СЈО покрена над 20 обвиненија, само три се целосно затворени, неколку се вратени на повторно судење или се чека изјаснување на Апелациониот суд.