Некои од помилуваните ексфункционери кои се обвинети во случаите на Специјалното јавно обвинителство повторно бараат спас во одлуките за помилување дадени од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, објави „Макфакс“.
Обвинетите преку адвокатскиот тим поднеле приговори до судот, во кои наведуваат дека сè уште е во сила одлуката на Иванов за помилување бидејќи сметаат дека поништувањето на аболициите не може да важи ретроактивно. Од СЈО не коментираат до започнување на судските процеси.
Иванов на 12 април 2016 објави дека донел одлука да помилува 56 лица од истраги и кривично гонење. На 19 мај Собранието му овозможи на шефот на државата да ја поништи аболицијата со измените на Законот за помилувањето, кој пропишува дека Иванов може да ја поништи аболицијата во рок од еден месец.
Во моментот кога Собранието ги усвои измените на Законот за помилувањето, рокот од еден месец за поништување на аболицијата веќе бил истечен. И покрај неусогласените датуми, Иванов ја поништи аболицијата, но обвинетите сметаат дека тие сè уште се помилувани. Адвокатие на обвинетите во СЈО кои беа помилувани во приговорите напишале дека Иванов има право да помилува, но само по измените што му овозможија да ја поништи аболицијата, но не и за одлуките што беа донесени претходно. Некои од адвокатите на одбраната што ги консултира „Макфакс“ изјавија дека се убедени во силината на правните аргументи и дека судот ќе ги цени поднесените приговори.
Меѓу обвинетите од СЈО се поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој од Иванов беше помилуван 16 пати. Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, од Иванов доби 11 помилувања. Никола Груевски од Иванов беше помилуван 5 пати за 5 дела, Сашо Мијалков 6 пати.