Народната мудрост вели дека грешката, кога нема да се признае, раѓа само нови, поголеми грешки и постојано се мултиплицира. Големината, тежината на грeшката се мери со нејзините последици. Ама, кога грешките се повторуваат веќе станува збор за намера. Тоа дава нова светлина.
Образованието е сложен, комплексен процес. Во тој процес, главни носители на дејноста се млади луѓе кои треба да се оличноснуваат, да се подготвуваат, да се оспособуваат да бидат полезни припадници на заедницата, да ја збогатуваат, да ја облагородуваат. Во тоа треба да им помагаат посебно подготвени ЛИЧНОСТИ, наставници. Бидејќи станува збор за млади луѓе природно е што се случуваат грешки и пропусти. Во таквите ситуации ПЕДАГОШКИТЕ ПРИНЦИПИ налагаат да се повика родителот-старателот и потоа низ разговори да се утврдат причините што довеле до застранувањето. Низ тие разговори меѓу ученикот, родителот-старателот, наставникот-класен раководител и педагогот-психологот на училиштето се утврдуваат причините и се одлучува како да се постапи, какви ПЕДАГОШКИ МЕРКИ да се преземат. Педагошките мерки (казни), ако се потребни, се изрекуваат со цел да го подобрат однесувањето на ученикот, да му помогнат да созрева и да прифаќа одговорности, да станува СВЕСНА ЛИЧНОСТ. За сето тоа се водат и посебни записници. Не е дозволено САМОВОЛИЕ од ниту една страна. За тоа треба да се грижи ПРОСВЕТНАТА инспекција. ПЕДАГОШКИТЕ принципи не смеат да бидат прекршени, затоа и овој процес се вика ОБРАЗОВАНИЕ-ОЛИЧНОСНУВАЊЕ! Во спротивно, ако казната е цел сама за себе, таа е само демонстрација на сила.
Е токму тука се поврзуваме со воведните реченици. Последните потези, а особено, „несреќните“ изјави на г. Адеми од позицијата на Министер за образование се целосно погaзување на сите педагошки принципи, но и на Уставот на Република Македонија. Според уставно загарантираното право, учениците излегуваат на најавен мирен протест за да го искажат незадоволството од лошите реформи во образованието, а тој ќе ги казнува со неоправдани изостаноци. По училиштата се растрчаа таканаречени просветни инспектори да проверуваат дали учениците се запишувани и дали им се заведени неоправдани изостаноци. Се „обележуваат“ ученици и се „приведуваат“ на разговори за заплашување. Се прави се’ само да се „убие“ нивниот дух, нивниот елан, нивната искреност и вистинољубие. Не е важно дали притоа се запазуваат педагошките принципи. Не е важно дали можело да се изнајдат решенија да не се доаѓа во ваква ситуација. Важно е да се покаже СЛЕПАТА ПОСЛУШНОСТ, единствениот критериум според кој оваа група од БИВШИ ЛУЃЕ (знам дека треба да кажам поранешни, ама вака е поефектно) станале просветни инспектори. Се е фрлено под нозе, и Устав и педагогија! Па добро, тогаш да го смениме името на процесот. Да го викаме како што треба, ДРЕСУРА. Да живее Македонија насилна!
Зарем не сфаќате господине Адеми дека вие (не заслужувате голема буква) станавте само камшикот во раката на „големиот кротител на лавови“. Вашите изјави и потези токму тоа го покажуваат. Епа ајде тогаш, штом сте толку моќни да газите и Устав и педагогија, излезете, пукнете со камшикот и кажете дека на оваа држава, на ова општество не му се потребни образовани-оличноснети единки, туку дресирани слепи послушници. Тогаш ќе имате полно право инспекториштата да ги праќате по училиштата да сеат страв и да лечат фрустрации. Да ги гонат отпадниците кои се „осмелиле“ слободно да размислуваат (размислување и чувствување – она што човека го прави човек).
Но, ниту вие, ниту „кротителот“ немате храброст за такво истапување како што немате храброст да седнете и да поразговарате за проблемите во образованието, да ги признаете грешките и полека да почнете да ги исправате. Единственото за што сте способни е да се криете зад позицијата што не ја заслужувате со ништо.
професор Душко „Орце“.