Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска повтори дека наскоро се очекува да пристигнат обрасците за пасоши, по што како што рече, ќе бидат ангажирани повеќе припадници на управните служби на МВР со цел во кус период да се изготват пасошите за околу 20 илјади граѓани кои имаат поднесено барања и треба да ги добијат патните исправи.
Тој рече дека ширењето на коронавирусот не го намалило интересот на граѓаните за барања за патни исправи.
– За жал, интересот не е намален. Во постапка за издавања на пасоши односно баратели се нешто помалку од 20 илјади лица на коишто им должи МВР издавање на патни исправи. Согласно со договорот што е склучен од претходниот министер Оливер Спасовски патните исправи треба да дојдат на 24 март. Имаме ветување од „Веридос“ дека патните исправи ќе стигнат седум до 10 дена пред овој рок, значи некаде од 15 до 17, 18 март, според нивното ветување, иако тоа не е обврзувачко врз основа на договорот, рече министерот Чулев.
Тој појасни дека МВР веќе направило ургентен план за што е можно повеќе припадници на МВР и на управните служби да бидат ангажирани во надминување на пасошката криза веднаш по пристигнувањето.
– Значи, штом ќе пристигнат околу 100 илјади пасоши и доколку се стават сите капацитети на МВР во функција за 24 часа ќе бидат направени три илјади пасоши, така што за една недела би се задоволиле сите потреби за пасош, рече министерот за внатрешни работи кој денеска беше во посета на полициската станица Гази Баба и во Единицата за недозволена трговија со наркотици во рамките на СВР Скопје.
Во оваа полициска станица Чулев бил запознат со актуелните проблеми и со проблематиката која што ја извршуваат соодветните организациски единици.
– Она што сакам да го потенцирам е тоа дека во Единицата за трговија со недозволени наркотици нема доволен број на кадар и исто така условите во коишто функционира единицата не се на задоволително ниво. Мој приоритет ќе биде во наредниот период со оглед дека имаме зголемен број на кривични дела од областа на нелегалната трговија со наркотици како кадровски, така и материјално-технички да биде зајакната Единицата за недозволена трговија со наркотици, а тоа е од огромен интерес на граѓаните, рече Чулев.
Истовремено, најави, ќе биде зајакната и превентивната функција со посета на училишта и со разговор со родителите на учениците со цел превенција од злоупотреба на наркотици.