Објавен е јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2016 година, признание што седма година по ред го доделува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Јавниот повик е отворен до 31 декември, а на него може да аплицираат млади до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато значајни научни резултати.
Услов за конкурирање е да имаат добиено награда и/или признание за научно-истражувачка работа, да се објавени резултатите од научно-истражувачката работа и применливост на резултатите од научното истражување за тековната 2016 година.
Апликацијата за учество на јавниот повик треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2016 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија. Документите треба да се достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31 декември.
Доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, по иницијатива на претседателот Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.
Признанието за првпат беше доделено во 2010 година, а тогаш го доби м-р Никола Златанов. Во 2011 година признанието му беше доделено на д-р Трифче Сандев, кој своето високо образование го има стекнато на Институтот за физика, а во 2012 година ова признание го доби д-р Катерина Бачева од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет. Во 2013 година признанието му беше доделено на м-р Петар Стојанов, биоинформатичар кој во Броуд Инститјут, Бостон, САД се занимава со биоинформатичка анализа на генетските промени кај малигните заболувања, додека носител на признанито за 2014 година беше м-р Даниел Денковски, кој работи на полето на електротехника и информациски технологии. Во 2015 година за најдобар млад научник беше прогласена д-р Михаела Ангелова, која работи во полето на биоинформатиката.