Никола Димитриевски, поранешен член на обезбедувањето на ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, на денешното рочиште за 27 април на кое беше повикан како сведок изјави дека додека траел упадот во Собранието, тој заедно со Чавков биле во помошната канцеларија на тогашниот директор која се наоѓа во фирмата “Технометал Вардар” чие пак седиште се наоѓа во близина на штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Овој исказ е спротивен на сведочењето на обвинетиот Александар Василевски Нинџа кој рече дека за време на упадот Чавков бил на осмиот кат во седиштето НА партијата од каде, како што кажа, бил командуван упадот на 27 април.
-На 27 април отидовме во МВР чекавме повик од директорот. Околу 9:30 го земавме од дома и го однесовме во МВР каде до 14 часот директорот имаше состаноци. Потоа отидовме во забна ординација позади Сити мол. Веднаш по тоа влеговме во трговскиот центар, се задржавме околу 1 час.
Оттаму отидовме во Скара бар, се задржавме околу час и пол. Од таму во 18 часот отидовме во “Технометал Вардар” . Таму се задржавме 2 часа. Од канцеларијата во Технометал Вардар отидовме во МВР каде бевме до 23 часот, а потоа го однесовме во ВМРО-ДПМНЕ каде рече дека ќе се види со Тодоров. Потоа го вративме дома, сведочи Димитриевски.
Сведокот тврди дека цело време бил заедно со Чавков. Тој вели дека додека биле во Технометал Вардар, околу 19 часот Чавков телефонски почнал да издава наредби на началниците од МВР во врска со настаните од Собранието.
-До 19 часот немаше галама и немаше никој. Во 19 почнав да слушам како директорот разговара на телефон. Слободно можам да кажам дека даваше команди. Разговараше со началниците. Кога збореше со еден од нив слушнав како збори на повисок тон, даваше команди. Збореше и со Митко Пешов. Со нив збореше се додека да отидеме во МВР, вели Димитриевски.
Откако пристигнале во оперативниот штаб во МВР, Димитриевски вели дека почнал да дава команди на началниците кои биле таму.
-Не бев цело време присутен во просторијата, но слушав однадвор. Можам да констатирам дека речиси 99 отсто од командите ги даваше Чавков кои потоа беа пренесувани преку радио врска. Тоа траеше до 23 часот, а потоа се упативме во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Димитриевски.
Димитриевски рече дека не знае на кој спрат во штабот на партијата се одвивала средбата со Тодоров.
Обвинетиот Александар Василевски Нинџа по исказот на Димитриевски го запраша сведокот дали од 19 часот до 20:30 Чавков бил во ВМРО-ДПМНЕ и дали за да се стигне до паркингот на Технометал Вардар треба да се помине низ подземната гаража на ВМРО_ДПМНЕ. Димитриевски и на двете прашања одговори негативно.
За време на сведочењето, Димитриевски во ниту еден момент не кажа конкретно што наредувал Чавков, туку само дека разговорите биле поврзани со настаните во Собранието.
Виктор Јованов