Обемен доказен материјал против Лидија Димова и другите осомничени, истрагата може и да се прошири

Од:

Обемен доказен материјал добил обвинителот кој покрена истражна постапка за злоупотреби во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Ова пак, според Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е причина да не можат да одговорат дали одлука за покренување на обвинение против разрешената директорка Лидија Димова, сопственикот на фризерницата „В.Е.З Трејд“, Зоран Златковски, екснадворешниот соработник Александар Гочев и пензионираната благајничка Ана Павлиду ќе има до крајот на оваа година.

Обвинителот и натаму прибира докази, додека според извори на „А1он“, досега на распит не се повикани ниту осомничените во случајот. Обвинителството не исклучува можност истрагата да се прошири и на други лица.

„Со оглед на обемноста на материјалот е потребно време за детална анализа. Во исто време се преземаат и други истражни дејствија неопходни за понатамошниот тек на постапката. Проширување на истрагата и врз други лица зависи од обезбедениот доказен материјал“, велат од Обвинителството за „А1он“.

Оттаму потенцираат дека обвинителот одлука за покренување на обвинение може да донесе до април идната година.

Пред еден месец, Кривичниот суд ги одзеде пасошите на Лидија Димова, сопственикот на фризерницата, Зоран Златковски и екснадворешниот соработник, Александар Гочев. Сите тројца имаат обврска за повремено јавување во судот и забрана за вршење на одредени работни дејствија. Судијата на секои два месеци ќе преиспитува дали има потреба за траење на мерките на претпазливост.

Лидија Димова се сомничи за сторена измама на штета на средства на Европската заедница и злоупотреба на службена положба и овластување. Зоран Златковски и Александар Гочев, се гонат за измама на штета на средства на Европската заедница. Ана Павлиду се товари за кривично дело несовесно работење во службата.

Димова беше разрешена од директорската позиција од страна на Управниот одбор на Националата агенција, а на нејзино место е назначен в.д. директорот Марко Ѓоргиевски.

„А1он“ објави дека скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација. Директорката Димова истражувањето го нарече манипулативно и организиран напад врз Националата агенција за европски образовни програми и мобилност. Преку социјалните мрежи, Димова се обиде и јавно да го дискредитира новинарот, заканувајќи се со тужба, на што реагираа и новинарските здруженија. Тогаш, премерот Зоран Заев ги повика истражните институции да ја испитаат работата на Националната агенција.

Во вториот дел од истражувањето, „А1он“ објави дека ангажирани во проект на фризерницата „В.Е.З. Трејд“ обвинуваа дека сопственикот Зоран Златковски им префрлал пари на трансакциска сметка и  барал да му ги вратат во кеш. Златковски на заедничка онлајн прес-конференција посочи дека никогаш не зел пари во кеш.

Обвинувања на сметка на Димова имаше и од пензионираната благајничка во Националната агенција Ана Павлиду. Таа во интервју за „А1он“ посочи дека ѝ бил вршен мобинг, но и дека соработничка на директорката Димова ѝ се заканувала со убиство.

Фризерницата немало да  го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуационата комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Организација која имала повеќе бодови од „В.Е.З. Трејд“ и не е финансирана со образложение дека има конфликт на интереси ја тужи Националната агенција. И Златковски се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти грантирани од „Еразмус+“, но неговиот проект е грантиран.

Би можело да ве интересира

Македонија треба да врати 2,2 милион евра злоупотребени од програмата Еразмус+

Катерина Ѓуровски

Почна судењето против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова

(ВИДЕО) Лидија Димова не дојде на првото судење со оправдување за влошено здравје, судијката реагира: Не ми се допаѓа ваквиот почеток!

Кристијан Ландов

Обвинение за Лидија Димова, предизвикала штета од 20 милиони денари со злоупотреби

Кристијан Ландов

Вештачење ги дели Лидија Димова и соработниците од обвинение за злоупотребите во Националната агенција

Кристијан Ландов

Лидија Димова ја тужела Агенцијата со која директоруваше, додека чека Обвинителството да одлучи дали ќе ја гони неа

Кристијан Ландов