Нуредини: Уредна документацијата на пратката со РДФ отпад запрена на ГП „Богородица“

Од:

Спроведениот вонреден инспекциски надзор пред два дена на граничниот премин “Богородица”е еден пример како може институциите координирано да постапуваат.

Царината иницираше вонредна контрола на пратка со РДФ отпад и тие се координираа со нас и со Државниот инспекторат за животна средина за да ги поддржиме при контролата.

Беше извршен увид на документацијата која беше уредна, беа земени примероци од страна на инспекторите и царинските служби, а во моментов сме во исчекување на резултатите кои се анализираат од соодветна акредитирана лабораторија кои ќе бидат споделени со јавноста штом ги добиеме.

Ова денеска го соопшти министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на прес-конференција во Министерството на која се обрати и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасовски.

Од аспект на подобра контрола на прекуграничните пратки на отпад, додаде Нуредини, инициравме контакт со бугарското Министерство и ја изразивме подготвеноста да се продлабочи соработката во рамки на нашата надлежност.

Што се однесува до увозот на опасен отпад, Министерството има единствено издадено дозволи за увоз на опасен отпад од типот “оловни акумулатори“ во количина од 12,500 тони, за правни субјекти кои поседуваат дозвола за третман и преработка на истите.

Тие потоа се реупотребуваат, препродаваат или извезуваат како производи во и надвор од земјата, наведе Нуредини, додавајќи дека само една инсталација во државата поседува дозвола за увоз на алтернативно гориво РДФ во количина до 25.000 тони годишно.

Министерот нагласи дека најголемата количина увезен отпад во нашата земја е отпадното железо и челик, кои инсталациите ги користат како суровина од која по преработката се добива производ што се пласира на пазарот.

Согласно постојниот закон, во земјата е дозволен единствено увозот на отпад што може безбедно да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, безбедно да се користи како суровина или безбедно да се користи како извор на енергија (согласно ЕУ карактеризациите за алтернативни горива).

Увоз на отпад заради складирање и депонирање не е дозволен во нашата земја, и јас како министер нема да дозволам нашата држава да стане депонија за отпадот од другите земји, истакна Нуредини.

Директорот на Царинската управа Танасовски рече дека Царинската управа во согласност со своите надлежности во соработка со МЖСПП и со Инспекторатот надлежен за овие прашања во однос на пратката запрена на ГП Богородица со РДФ отпад, постапила согласно сите надлежности.

Земени се примероци од РДФ, пуштени се во акредитирана лабораторија во Естонија од каде очекуваме резултати во рок од 7 до 10 дена и секако истите ќе ви бидат соопштени, рече Танасовски.

Би можело да ве интересира

Штрајкот на грчките цариници ги затвори трите гранични премини кон Грција

Блокада на премините кон Грција поради штрајк на грчките цариници

Катерина Ѓуровски

Штрајк на царинските службеници утре и задутре во Грција, во прекин сообраќајот на граничните премини

Премините кон Грција, Богородица и Меџитлија денеска затворени на неколку часа

Грчките земјоделци утре на протест на граничниот премин „Евзони“, велат дека не отстапуваат додека не бидат исполнети нивните барања

Колони за влез во Грција и Србија: Се чека до 45 минути

А1он