Справувањето со аерозагадувањето, унапредување на управувањето со отпадот и отпадните води, заштитата на природата и биодиверзитетот, како и обезбедувањето на чиста води за сите се приоритетите на кои министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини ќе работи во следните четири години.
Нуредини денеска одржа прес-конференција, прва откако по втор пат го презеде мандатот како министер за животна средина на која вети дека и покрај здравствените и економските предизвици пред кои не стави пандемијата, тој на оваа позиција ќе се залага да нема компромиси со заштитата на животната средина.
Измените во Законот за квалитет на амбиенталниот воздух се подготвени и во најкус можен рок ќе бидат доставени до Собранието. Во нив, како што појасни денеска Нуредини, се врши транспозиција на европското законодавство во поглед на обврските на локалната самоуправа за изготвување и спроведување на планови за воздух, предвидени се конкретни задолжителни мерки на локално, но и државно ниво во насока на справување со појавите на високи концентрации на загадувачки супстанции во воздухот.
Нагласувајќи дека во изминатиот период се вложувани сериозни напори за да ги исполнат европските еколошки стандарди преку хармонизација на нашето законодавство, имплементација на принципите на Зелениот договор на ЕУ и меѓународните конвенции, изјави дека се изготвени и измените на Законот за животната средина, каде е предвидена прецизна методологија за идентификација и спроведување на план за ремедијација на жешките точки од историското индустриско загадување во земјата. Додаде дека се работи и на измени на сите закони од областа на животната средина во насока на заострување на казните за прекршоци од областа на животната средина. Се координираат со Министерстрвото за правда за исклучување на ограничувањата на висината на глобите согласно Законот за прекршоци.
Тој ќе продолжи да инсистира на одржливи капитални инвестиции, кои ќе ја подигнат економијата, ќе го подобрат стандартот на граѓаните, но и ќе значат исполнување на барањата во однос на Поглавјето 27 од преговорите за членство во Унијата.
Во областа на управувањето со отпадот, информира Нуредини, веќе се спровеле расправите и е завршен процесот на јавна консултација на шест нови закони, со кои се предвидува унапредување на примарната селекција на посебните текови на оптад, посебен режим на веќе посточеките текови, исто така и на управувањето со отпад од возила, гуми, масла и текстил, се предвидува забрана на екстралесните пластични кеси, се зголемуваат целите за рециклирање и се имплементираат принципите на циркуларната економија.
Освен законите во оваа област во моментов во тек е процес на стратешката оценка на влијанието врз животната средина на Национланот план за управување со отпадот од 2020 до 2030 година, а, како што рече министерот, донесени се и сите плански документи за регионалниот систем за управување со отпад во седум региони. Во наредниот период фокусот ќе ни биде во помагање на општините во изнаоѓање на средства за спроведување на тие планови и потребната инфраструктура.
Веќе се изготвени и првите нацрти на новиот Закон за природа, како и Закон за климатска акција и Закон за индустриски емисии за кои последователно ќе започне и процесот на консултација со јавноста.
Најави зголемување на бројот на мерни станици, деновиве се подготува терен за нова мерна станица во Гевгелија, но и нов лесен и транспарентен софтвер за употреба.
-Во нашиот информативен систем веќе може да биде видена тридневна прогноза за поволни временски услови за загадување, а истиот ќе го поврземе и со посточекиот систем за рана најава на УХМР, рече Нуредини, додавајќи дека се почнати активности и за координација со другите надлежни институции за подобра контрола и на цврстите горива за греење, односно воведување стандард за пелети.
Нуредини напомена дека работат на интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, што, како што рече, истовремено ќе има ефект и врз намалувањето на емисиите на загадувачките супстанции во воздухот.
До крајот на годината, како што најави министерот, ќе биде доставен на усвојување и ревидираниот национален пондесок кон Парискиот договор, каде ќе и предложат на Владата зголемување на амбицијата за редукција на емисијата на стакленичките гасови, дури за 82 отсто во однос на 1990 година, со што ќе се обезбеди значителен придонес во декарбонизацијата.
-Во таа насока ги повикувам инспекциските служби од сите области, во рамките на Владата ќе барам засилување на капацитетите, за соодветна контрола на теренот и казнување на секаков вид на загадување. Ќе се заложам за подобра координација и кооперација на овие служби, истакна министерот.
Предвидено е и обебедување средства за подобрување на енергетската ефикасност на јавните објкети и замена на нееколошките начини на греење до 2024.
Нуредини истакна дека оваа недела безбедно бил преточен и подготвен за транспорт и извоз од земјата винил хлорид мономерот во Охис, а исто така успешно завршил и тендерот за избор на изведувач за ремедијација на почвата контаминирана со изомери на линдан во кругот на Охис.
-Завршена е административната процедура на потпишување на договор со избраниот понудувач, сега следи одобрувањето на деталниот план за ремедијација и активности за обезбедување на потребната документација за отпочнување со работа на терен и чистење на историската депонија, додаде Нуредини.
Нагласи дека сериозни ќе се заложи и за заштита на нашите природни богатства, изразувајќи задоволство што вчере беше објавен нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, за кој во следните 30 дена ќе може да се доставуваат коментари и ќе бидат спроведени четири јавни расправи. Додаде и дека се работи веќе на студии за валоризација на низа нови подрачја како Охридското Езеро, но и на плановите за управување на Галичица, Пелистер…
-Работиме на подобрување на мониторингот на водите на целата територија и меѓуинституционална координација, а веќе одржавме и низа состаноци со експерти, а вчера ја имав и втората средба со градоначалникот на Ресен за следни чекори во врска со намалениот водостој на Преспанското Еезеро. Можам да известам дека процесот на номинација на нашите претстванци, како и членовите од Грција во меѓународниот Преспа парк Комитетот заврши во очекување сме само уште на номинацијата од Албанија, додаде Нуредини.
Министерот за животна средина потенцира и дека во однос на просторното планирање, импертатив во неговиот мандат ќе биде подготовката на нов просторен план на РСМ за наредните 15 години.
-И натаму моите водечки предности во работењето ќе останат транспарентноста, професионалноста и ефикасноста. За мене заштитата на животната средина значи размислување не само на сегашноста, туку и на иднината, која ја посакуваме за следните генерации. А, тоа е возможно единствено со грижливо користење на природните ресурси, циркуларна економија и зелени работни места, порача министерот Нуредини.