Новото минато на (студен)тскиот стандард

Од:

Поминаа само осум месеци откако се донесе Закон за студентски стандард, кој во изминативе четиринаесет години (од 1998 година до почетокот на 2013-та) беше во склоп со Законот за ученички и студентски стандард. Власта тогаш направи промени во законот, бидејќи постоеле „низа недоречености“. Убаво формулирана фраза која во себе ги крие сите нерегуларни дејанија кои биле вршени во тоа време. Се разбира, никој не одговараше за „низата недоречености“ и не му летна главата. Се направија измените, но, безредието, корупцијата и партиските врски за добивање душек на федери не се искоренија. Напротив.

Доколку истиот тој Закон гарантираше силен студентски стандард, немаше да се почувствува неговата слабост и да се дополнува сега со нови членови, кои патем, не внесуваат никакви суштински разлики.

Имено, новата законска регулатива предвидува директорот на Студентскиот дом да определи лица од институцијата кои ќе бидат одговорни за сместување на примените студенти. Доколку оваа обврска не се почитува, директорот ќе се казни со 5.000 до 7.000 евра. Тоа индиректно, само по себе говори дека низ годините наназад, партиските врски играле доминантна улога при распределбата на кревети во домовите.

Нагласувањето на овој нов член е смешно, бидејќи пред да се направат дополнувања во Законот за студентски стандард, јасно пишуваше дека доколку постојат сознанија оти директорот го прекршил законот и Статутот на студентскиот дом, Управниот одбор поднесува предлог за негово разрешување до Министерот за образование.

Арно ама, досега не видовме никаква санкција. Луѓе мои, се работи за професионалност, етика, морал и чест и елементарни принципи во работата. Доколку се придржувате кон нив и ги исполнувате, не требаат закони да те фаќаат на радар. Тоа е прашање на совест. А, мене ме мачи прашањето дали директорката на Државен студентски центар, Даниела Темелкова, ќе биде казнета доколку вметне „свое дете“ за легло во домовите, ако се земе во предвид фактот што таа ја финансираше ВМРО – ДПМНЕ во изборната кампања за парламентарните избори во 2011-та година?  Да го видам јас тој ненормален што крева рака на свое дете!

Воедно, во претходната верзија на законот се пропишуваше дека студентскиот дом ќе биде казнет од 3.000 до 5.000 евра, ако дозволи организирање на партиски забави и истакнување на нивни обележја. Истиот член е препишан и сега, ниту надграден – ниту проширен! Во недостиг на аргументи за одбрана, немо се премолче приказната на А1он „Како ВМРО – ДПМНЕ“ регрутира студентски гласови?“ и никој не поднесе кривична одговорност за прекршените закони.

Зарем Груевски ќе го осуди чинот на организирање забави по студентските прчварници на неговите партиски чеда, кои делеа бесплатни пијалоци за намамување на студентите да гласаат за делата? Зарем донатор – директорката на Студентскиот центар ја загуби фотељата поради непочитување на законот? За потсетување, Даниела Темелкова ја вршеше функцијата на в.д. директорка од Јануари до почетокот на Јули годинава, поради оставка на нејзиниот претходник Крешомир Павиќ. Сепак, казната ја стигна Темелкова, преку назначување на четиригодишната директорска функција! Понатаму, дали домовите каде беа организирани забавите добија казни и зошто не? Каде се да реагираат од Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат да ја прочешлаат работата?  Едноставно, сами се лажете – сами си верувате!

На кој начин ќе се утврди одговорност дека лице вработено во домот психички малтретирало студент и ќе се казни со 2.500 евра? Дали тоа ќе биде спротивставување на гледиштата на студентот и вработениот, како студентот ќе докаже дека некој психички се изживувал врз него? Или за таа потреба ќе се ангажира Комисија на психолози и психијатри? Да мислевте за доброто на студентите, ќе ги обештетевте секој од нив поединечно со сума од 2.500 евра, за секоја доживеана психичка тортура за живеење во руинираните и нефункционални соби во домовите. За врските кои ги фаќаат студентите  во Македонија да добијат место во домовите, во нормална држава – студентите со ортома би се обесиле!

Меѓутоа, се согласувам предност во добивање кревети да имаат дури 40 насто од ранливи и социјални категории, со оглед на тоа дека животот на просечно македонско семејство претставува социјален случај. Дури и академските граѓанi со неверување ја примија оваа информација, знаејќи на кој начин се добиваа легла во изминатите години. Ваквата нова одлука, требаше да биде пракса уште многу одамна, а не денес да се претставува како врвно достигнување. Студентите со најмалку примања – да имаат најголеми шанси! Пологично здравје! Затоа се реални сомнежите за правичната распределба на студентските легла и ме бодат сомнежи дека ќе биде (не)транспарентна.

Ветувате дека ништо нема да биде како порано, а заедно го делиме и не фаќа стариот страв и јад дека ќе биде исто. Новиот Закон за студентски стандард се извади од бајка, неговите изумители се појавија на телевизија и го прераскажаа како бајка и на крајот се вратија да живеат во неа. Кому ќе му припаднат кошмарите?

Петар Клинчарски

 

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска