Во Кривичниот суд денеска продолжуваат судењата за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски „ТНТ“ и за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 3“.
Предметот „ТНТ“, се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Огнен Ставрев, а меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
На денешното рочиште за „Титаник 3“ судот треба да се произнесе по предлогот на СЈО за читање на исказ од сведокот Ресмие Беслимовска даден на 14.11.2016 година пред јавен обвинител во истражна постапка.
Случајот, кој го води Оља Ристова, се наоѓа во доказна постапка, но ова е последен доказ предложен од СЈО, а одбраната на минатото рочиште најави дека не ги предлага обвинетите за давање исказ и одбрана пред судот, со што веќе на следното рочиште би можело да се започне и со изведување на завршни зборови.
Во „Титаник 3“ Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.