Нови датуми за државната матура бара синдикатот на ДИЦ, Шаќири повика таа да не се доведува во прашање

Од:

Невозможно и неизводливо е да се стигнат датумите за државната матура – соопшти вчера синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) кој до денеска штрајкува две седмици. Поради неисполнетото барање од Министерството за финансии за зголемување на платите, вчера од МОН побара да го измени календарот за полагање на двата екстерни испита кои се закажани за 27 мај и 10 јуни. 

Тоа ќе значи и пролонгирање на резултатите од матурата кои се објавуваат најдоцна еден месец од полагањето на вториот екстерен испит.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, повика ДИЦ во своите барања и преговори со Финансии да не ја доведува во прашање државната матура. 

– Во момент кога дискутираме, тоа да не го поврзуваме со датумот на државната матура. Нека продолжат со нивните барања, но нека не ги доведуваат во прашање процесите, апелираше Шаќири и им сугерираше на вработените што се во штрајк да го почекаат Општиот колективен договор кој, како што рече, можеби ќе биде подобар од сегашните услови што им ги нуди Министерството за финансии.

Вработените во ДИЦ го одбија како неприфатлив предлогот од Министерството за финансии решението да се бара во Законот за административни службеници со што, според нив, платите би им биле зголемени за само илјада денари. Досега имале два неуспешни состанока – вториот бил во четвртокот во МОН, во присуство на министерот за образование и претставници од Министерството за финансии. 

-Бараме министерот за образование да почне да разгледува и да преговара со нас кои се следните можни опции за нови термини за државна матура.  Искрено се надевам дека ова пролонгирање нема да биде големо, но ќе зависи од нивниот одговор, односно од одговорот на Министерство за финансии. Спремни сме да работиме деноноќно за да ги реализираме обврските особено околу државната матура, не сакаме да им наштетиме на матурантите со какво било пролонгирање на резултатите, но веќе во прашање се минути, не денови, истакна претседателката на синдикатот на ДИЦ, Емилија Бошковска, додавајќи дека не зависи од нив, туку од тоа дали ќе добијат позитивен одговор од  Министерството за финансии од кое бараат согласност за нивниот колективен договор.

Рече и дека никого не сакаат да оштетат иако знаат какви би биле последиците за матурантите кои со положен завршен испит треба да се запишат на факултет.

-Во Македонија уписите се подоцна, а за тие што се запишуваат во странство им се битни. Се надевам дека ова нема да значи големо пролонгирање. Можеби денеска ако почнеме би направиле нешто за да ги постигнеме датумите. Зависи од заедничките напори и договорот помеѓу министерствата за финансии и за образование и наука, рече претседателката на синдикатот на ДИЦ.

Единаесет од вкупно 29 вработени во ДИЦ добиваат минимална плата од 20.100 денари, а советниците кои, како што велат, се стожерот на институцијата, примаат 26.000 денари. Бараат повисоки плати кои не им се зголемени и по повторниот пораст на минималната плата, што довело до изедначување на платите за различни работни позиции. Бошковска посочи дека барањето е за околу 25 отсто вкупно покачување. 

-Нема конкретни суми затоа што станува збор за измена на колективниот договор и на секоја работна позиција е различен процентот на покачување бидејќи беа сублимирани во едно… Некои работни позиции ќе бидат 20, некаде 30, во зависност од тоа  каков е распонот на работните позиции, појасни Бошковска. 

Синдикатот на ДИЦ минатата среда предупреди дека ако за два дена не добијат позитивен одговор, ќе треба да се менува календарот за полагање на матурата во јунската испитна сесија за која се пријавени 15 620 матуранти.

Покрај неизвесната матура, ДИЦ веќе го стопираше меѓународното тестирање ТИМСС, со кое се мерат постигнувањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија). Тестирањето почна на 3 април и опфаќа околу 4900 ученици во 150 основни училишта. 

Би можело да ве интересира

До крај на година ќе се учи секоја сабота: Неработните денови за учениците преку ноќ станаа работни

Орце Костов

МОН: Не укинуваме паралелка на македонски јазик во велешката гимназија

Орце Костов

Нема евиденција дали 140 денари за оброк завршиле кај студентите, МОН исплаќал пари без утврдени легла во домовите, покажа ревизијата

Орце Костов

Ученици од прва до четврта година принудени да плаќаат за наметки и капи за матурантите

Орце Костов

МОН за протестот на универзитетите: Ако постои волја во Собранието за колективен договор, ние ќе учествуваме во преговорите

МОН: Наместо на политички игри во училиштата, општина Тетово да се фокусира на квалитетна настава