Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека по повод 28 Јули – Меѓународниот денот на зачувување на природата стартува нова прoектна активност за одржливо користење на дивите видови растенија.
Како што информира МЖСПП, во рамки на проектот „Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање за користење на земјиштето“ (УНЕП/ГЕФ/МЖСПП), локалниот партнер, фондацијата „Информација и заштита на природата“– ФИЗП од Северна Македонија почнува нова проектна активност.
Поради богатата биолошка разновидност, шумите и сродните екосистеми во земјава претставуваат важен извор на диви видови, заради што собирањето медицински и ароматични растенија, печурки, лишаи и бројни шумски плодови од природата има традиција која се применува и практикува стотици години. Дивите видови растенија и габи имаат важна улога во егзистенцијата за многу семејства, особено во планинските региони.
– Зачувувањето на екосистемите е од заеднички интерес за сите, за субјектите кои управуваат со ресурсите, за локалното население и сите граѓани на Република Северна Македонија. Во моментот институциите кои се одговорни за одржливо управување со нив, се соочуваат со големи предизвици да го најдат балансот, бидејќи овие природни ресурси се обновливи, но не и неисцрпни, се вели во соопштението.
Овие активности, како што се наведува, се продолжение на првата фаза активности имплементирани во рамки на проектот „Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање за користење на земјиштето“, финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), кој се спроведува преку Програмата за животна средина на ОН (УНЕП), каде главен партнер и корисник е Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Локален партнер во спроведувањето на оваа проектна активност е фондацијата „Информација и заштита на природата“– ФИЗП од Северна Македонија.
– Целта на проектната активност е да се тестираат дел од препорачаните мерки за мечкиното грозје, за кое веќе се предложени квоти за одржливо користење, со активно вклучување на засегнатите институции, но и локалните собирачи. Исто така, во рамки на оваа проектна задача ќе се одвиваат и промотивни активности за правилно собирање и користење на дивите растенија, се вели во соопштението од МЖСПП.