Медијаторот на ОН Метју Нимиц во понеделник во Атина не доаѓа со нов предлог за решавање на прашањето за името, откриваат дипломатски извори за МИА.
Последните денови грчките медиуми објавија неколку анализи за престојоната посета на Нимиц на Атина и Скопје, при што уште еднаш наласија дека последниот предлог кој Нимиц во април им го претстави на амбасадорите Јолевски и Василакис не е прифатлив за Грција.
Весникот „То Вима“ напиша дека „последниот предлог ’Горна Република Македонија’ беше одбиен од грчката страна затоа што е јасно дека Атина не прифаќа поставување на геграфската одредница пред уставното уредување“.
„Катимерини“, пак, во својата анализа се задржа на географската одредница „северна“ и нагласи дека „предлогот ’Република Северна Македонија’ е тежок за варење, но може да биде основа за разговор“.
Вториот проблем за Атина во последниот предлог на Нимиц е опсегот на употреба. Нагласувајќи дека се повеќе земји ја имаат признаено Македонија под нејзиното уставно име, провладиниот весник напиша дека „новото име новото име ќе треба да биде запишано во пасошите и да има најширока можна употреба… и со оглед на тоа што очиледно не е лесно да им се наметне на трети земји, може да има одлука на Советот за безбедност на ОН која ќе го поддржи и ќе го препорача за користење на членките на меѓународната заедница“.
Дипломатски извори тврдат дека и покрај се, Нимиц во Атина и Скопје не доаѓа со нов предлог. На маса повторно ќе биде последниот предлог од април годинава. Сепак, тие не откриваат кои се новите аргументи на медијаторот со кои ќе се обиде да ги доближи ставовите на Македонија и Грција.