Мери Николова реагира по повод дадената амнестија од страна на Претседателот Иванов за Новогодишните и Божиќни празници.
Претседателе, Вие сте татко на сите граѓани на Република Македонија, се грижите за безбедноста и сувереноста на оваа мала и кревка држава. Сакавте да направите добро дело, но самите лизнавте по трнлив терен, можеби за вас непознат, но сепак ваш е ексклузивитетот.
Законот за помилување до 2010 година важеше за сите осуденици, но по 2010 година истиот се смени од страна на тогашниот министер за правда, Михајло Маневски, со кои ги исклучи од правото на амнестија делата за: педофилија, кривични дела за секаков вид на дрога, криумчарење на мигранти како и кривични дела поврзани со изборите.
Вие за овие празници помилувавте 174 осуденика, без да објавите за кои кривични дела биле осудени лицата кои се амнестираат! Постои основано сомнение дека помеѓу помилуваните има лица од горе споменатите категории за кои таква мерка не е предвидена со закон, со што, ризикувате чинење на кривично дело кое со законот на Маневски е казниво од 1 до 10 години затвор.
Сега би сакала да го слушнам еден од вашите налогодавачи, пратеникот Влатко Ѓорчев, како ќе ја толкува вашата листа на помилувани осуденици кога тој самиот ме обвини во Собранието на РМ дека јас, со мојот предлог закон за амнестија, сум имала намера да ослободам педофили, дрогираши и т.н.
Можам некако да го разберам Влатко, кој едвај дипломираше и е приучен правник, без ниту 1 минута стаж во правото, но не можам да ве разберам Вас, како професор на правни науки, да не го почитувате законот?! Единствено би можела да ја разберам вашата постапка ако само сте го потпишале списокот кои ви го доставил ВМРО – ДПМНЕ, кои си даваат за право, нормално да му наредуваат на верниот слуга! Но, овој пат, налогодавачите, инаку верни милосрдни демохристијани, или го заборавиле претходниот налог даден на Маневски, или заради непозната за мене причина, сакаат да ве жртвуваат, наведувајќи ве вас на кривично дело. Претседателот е должен и има морална одговорност пред целокупната македонска јавност да ги обелодени делата по кои помилуваните биле осудени.
А Влатко Ѓорчев е должен да и објасни на јавноста, и да каже кој од овие лица се штетни; нели велевте истите можат да ги повторат делата и да бидат опасност за државата? Ниедно помилување, колку да е хумано и добродојдено, не ги решава натрупаните проблеми по Казнено – поправните домови. Единствен спас и излез од оваа ситуација и подобрување на условите на затворите е под итно амнестија и тоа со најмалку 50 % од пресудата. Само така ќе се реши проблемот со пренатрупаноста во затворите и со самото тоа ќе се подобрат моментално катастрофалните услови.
Сега, во просторијата на приемно одделение во Идризово, предвидена за 40 осуденици се сместени 140; додека во одредени крила има кревети на три спрата. Начинот на кој чуварите се однесуваат спрема осудените е катастрофален, некои се привелегирани а некои угнетувани, малтретирани и психички и физички.Скоро сите недозволени работи, одат токму преку чуварите, како на пример продажба на мобилни, дрога… За да се добие душек за спиење на под треба да се плати,како и за многу други работи. Министерството за правда е одговорно за вработените по затворите, тоа треба да се погрижи, да постави стручни кадри. Да се обезбеди доктор 24 часа во затворите а не да се се одредува осуденик, без никаква квалификација ниту познавање од областа на медицината, да одигра ролјата на дежурна сестра и да дели лекови. Треба да се дозволи, секоја година, слободен пристап на новинарите, за да ги снимат условите и да ја пренесат правата слика во јавноста. Осудениците велат : “Нели ви е доста што неправедно не осудивте и што не одвоивте од нашите најмили, сега сакате меѓу нас осудениците омраза да направите, оставете не на мира и имајте малку милост за нас и за нашите ближни, и ние сме од крв и месо.”