Ако паметниот учи од туѓи грешки, а будалата на сопствени, за што тогаш се смета оној кој и од сопствените грешки не извлекува поука? Згора на тоа и дозволува историјата да му се повторува еднаш како трагедија, а втор пат како фарса. Во моментов, тоа е ДПМНЕ. За разлика од СДСМ, која кога ја губела власта, во 1998. и 2006., тоа го правела достоинствено и господски, ДПМНЕ, еве и по втор пат, не може да се помири со фактот дека му е време малку да оди во опозиција. За утеха што нема да бидат 100 години на власт нека им биде тоа и што толку години нема да бидат во опозиција – едноставно тие се наша судбина.
Грешките и историските повторувања им се фрапантни до сомнеж да се запраша човек дали партијата ја воделе луѓе склони кон мазохистичко задоволство – да уживаат во извесните болки, за кои знаат дека ќе им се случат, пред неизбежниот крај и затоа нарочно ги предизвикуваат. Влегуват во битка, за која знаат уште на почеток дека ќе ја изгубат и јуришаат во пораз. На 100 дена пред да ја изгуби власта во 2002 година, Љубчо Георгиевски влезе во жесток конфликт со меѓународната заедница, војуваше тогаш со Едвард Јозеф, ги палеше вмровците со “која е таа Америка и ЕУ да нѝ командаат во Македонија“, иако само пред три години го пречека американскиот генерал Весли Кларк, со зборовите: “во Македонија вие сте домаќин, а не гостин”. По изгубените избори, се притаи, мислејќи дека повторно ќе се врати на власт во партијата, со привремено чување на столчето од страна на Никола Груевски.
Денес, гледаме по втор пат реприза, која нема никакви причини да не се заврши на истиот начин. Груевски, наместо со Едвард Јозеф, војува со Ван Хауте. Подготвен е да влезе во отворен судир со САД и ЕУ, иако Латас пишуваше колумни дека бил единствениот македонски премиер кој бил примен и од Бајден, и од Камерун, и од Меркел, и од Путин. Ни Хорхе не може толку да намигне колку Груевски може да го прими администрацијата на најмоќните држави во светот. И Никола, како и Љубчо, ги живее последните 100 дена од својата власт во жилава борба сам против сите, мислејќи дека може да го смени текот на историјата, несфаќајќи дека тој е само историски инцидент кој, по дефиниција, само еднаш се појавува, како феномен, и никогаш повторно. Затоа и е инцидент, а не константа и затоа тркалото на историјата ќе го сомеле како лош миг во вековната историја на Македонија.
Исто како што Љубчо во него виде привремена замена, така и тој си се занесува дека може да најде некој кој ќе му ја чува фотељата. Го избра оној несреќник Емил Димитриев за технички премиер; веројатно, по губењето на власта, ќе мисли дека се уште му се слуша зборот, па ќе избере и привремен претседател на партијата, кого ќе го командува од друга соба на партиската зграда, во која се влегува право од гаража. Сѐ додека не се врати за претседател.
Во 2002., членството и симпатизерите на Љубчо масовно почнаа да се откажуваат од него, земајќи му го за најголемо зло тоа што сакал да менува територии со Албанија, а подоцна, кога излезе во јавност, и поради огромната корупција и грабеж кои ги направил со државни пари. За потсетување, во неговата влада беа купувани мауси и тастатури за компјутер по цена од 1500 тогашни германски марки. Многумина, кои му се колнеа до смрт, потоа го колнеа за сѐ што ѝ напакостил на државата и партијата. Слично ќе помине и Груевски – кога ќе почне Катица да му ги обзнанува криминалите, кои, како и кај Љубчо, ќе бидат клептомански, како да бил британски гувернер во некоја афричка колонија, а не премиер на европска држава, и членството, кое привидно така масовно го поддржува, ќе ги симне пајажината од очи и ќе почне да го пцуе за сѐ она што оставил зад себе (универзални и епски се стиховите на Бора Ѓорѓевиќ за секоја забегана власт: „Videčes prizore potresne,
videčeš nesrečne i bolesne, videčes čemer, smrt i jad“). Детронизацијата на Љубчо започна со аферата Големото уво, во која противзаконски прислушкувал огромен број граѓани, што тој се обиде да ја амортизира со конфликтот во 2001., исто завршува и Груевски со Бомбите од прислушкуваните разгвори и Диво насеље.
Сепак, врв во повторувањето на историјата ќе биде надреалната сцена, иста како во времето на Љубчо: за цело време, додека траат потресите во партијата, притаениот Влатко Ѓорчев се крие под Јорган Планина, но кога се ќе се смири и стиша, а партијата ќе се стабилизира, ќе се појави од никаде на бел коњ за да ги соопшти победите на ДПМНЕ во Облешево и Чешиново. Навистина, каде е Влатко Ѓорчев за сето ова време, додека сопартиците му се на барикадите да го бранат изборниот грабеж и криминалот во кој и тој учествувал?!
Секако, ако пред тоа, Катица Јенева не испадне поголема вмровка и од него – таа да биде единствениот „маж“ во партијата која се крие од женска сукња, и да им ја реформира партијата. Сите молчат и чекаат некој друг да го направи потегот кој интимно и самите го посакуваат – конечно, да им се симне Фамилијата од врат.
Д-р Ненад Живановски