Го слушам Никола Груевски по неговите слабо посетени митинзи како говори дека после 11 годишна власт ќе го оправал здравството. Па како некој опозиционер, кој што 11 години гледал немоќно како божем некој друг да го уништувал здравстениот систем во Македонија, а не самиот Груевски и неговиот пулен Тодоров, сега пробува да не убеди „дека ако дојде тој на власт“, мед и млеко ќе протечат оддеднаш во здравството. Здравството кое тој и неговиот имењак го донесоа на последно место во Европа, со најголема смртност на новороденчиња, и со најголеми лелеци од блиските на болните луѓе.
Но, на страна фактот што Груевски и Тодоров се гробари на македонското здравство, овие двајца „генијалци“ ќе го оправале здравствениот систем со купување на нови машини. Откако потрошија изминатите години грдни стотици милиони евра за машини од кои ни пола не се ставени во употреба, тие уште сакаат да купуваат машини, божем тие машини, без да има кој да ги ракува сами ќе ги лечат македонските пациенти. Па го замислувам едниот како му се јавува на другиот и му вели: „А колку проценти од набавкава да побараме за нас? 20%? Да не се претера малце?
Но, да ги оставиме гробарите на македонското здравство на раат, бидејќи нивното време завршува за 9 дена. Како член на здравствената комисија на СДСМ сакам да ги уверам македонските граѓани дека веќе никогаш нема да се повтори голготата на македонските пациенти и доктори кои што ја поминуваат овие изминати години.
За тоа СДСМ во својата програма „План за живот“ предвидува многу мерки, но јас ќе се задржам во моментов само на две.
Прво, ќе ги зголемиме платите на целиот здравствен персонал во државата. Во моментов просечната старост на матичните доктори во Македонија е 59 години. Младите луѓе немаат интерес да работат како матични доктори, ниту да се вработуваат во веќе постоечките матични ординации. Сведоци сме на срамнни огласи каде се бараат доктори за работа во матични ординации за плата од 8-9000 денари.
И што прават на тоа нашите млади доктори? Нормално, чекаат ред за бугарски пасоши и учат германски, словенечки и италијански јазик. И масовно се исселуваат од Македонија. СДСМ ќе стави стоп на таквата практика. СДСМ ќе одреди минимална плата на доктор кој би се вработил во матична ординација. Плата со која што докторот што ги прави првчните практични чекори, е биде доволна за достоинствен живот. Капитацијата на бодот за матичните пациенти ќе ја подигнеме од 50 на 90 денари, а потоа и таа капитација ќе расне, согласно со раснење на стандардот. За матичните стоматолози, капитацијата веднаш ќе биде зголемена од 40 на 70 денари, нормално и за нив со тенденција на понатамошен раст.
Специјалистите од медицинската и специјалистичко консултативната дејност ќе добијат дупло поголем паушал од тоа што денес го добиваат.
Помошниот здравствен персонал (медицинските сестри и болничари) ќе добијат зголемени плати правопопорционално со зголемување на платите на докторите.
Специјалистите во болниците ќе добијат минимална плата од 100 000 денари. А најквалитетните, нормално и повеќе од тоа. Покрај овој финансиски потсрек, ќе ја укинеме преобемната администрација со кои денес се малтретираат докторите, па не успеваат воопшто да им посветат квалитетно време на своите пациенти. Исто така, секој доктор ќе добие право, доколку сака да работи попладневна дополнителна работа во корист на пациентите. Со тоа ќе го вратиме достоинството на докторите. Ве уверувам дека со овие мерки, ниту еден доктор нема повеќе да сонува за Хамбург, Цирих, Лондон, Перуџа или Љубљана. Сите ќе имаат мотив да останат тука и да го вградат своето знаење и труд во сопствената татковина. И никој доктор повеќе нема да има никаков интерес да побара мито на сопствен пациент.
Пациентите ќе имаат директна придобивка од овие мерки, бидејќи ќе имаат спроти себе мотивирани доктори, кои со мерак и со задоволство ќе ги лечат македонските граѓани. Нема повеќе да има намуртени фаци во македонските здравствени институции. ГО ВРАЌАМЕ ЗДРАВЈЕТО И ЖИВОТОТ во македонското здравство.
Покрај ова, ќе го укинеме дуплото плаќање од страна на пациентите во болниците. Знаеме дека здравството се финансира од задолжителниот здравствен придонес на македонските граѓани. И покрај тоа, нашите граѓани дополнително се обременуваат со огромни трошоци за партиципација. Партиципација која веќе критичен број не се во состојба да ја платат, па остануваат без загарантираната здравствена заштита. ЕПА ТАА ПАРТИЦИПАЦИЈА ЌЕ ЈА УКИНЕМЕ УШТЕ ВО ПРВИТЕ ДЕНОВИ! Нема повеќе плаќање во болниците. Секој во оваа држава ќе го добие потребното заслужено лекување.
Пари во здравството има доволно за сето што го планира СДСМ. Само треба приоритет да се даде на здравјето на пациентите и на мотивацијата на докторите, а не на банковните конта во Лугано и Белизе.
За крај имам едно прашање до македноските граѓани. Доколку не дај боже на Никола Груевски и на Никола Тодоров им е потребна ургентна операција и се исправени пред избор дали да влезат во лускузна зграда во која има опрема од милијарда евра, но нема луѓе кои што знаат да оперираат квалитетно и да ја работата таа опрема, или да влезеат во руинирана барака со едвај функционална операциона сала, со опрема од 100 000 евра и скалпел, но со 5 врвни хирурзи, што мислите – каде ќе изберетат да влезат да се оперираат?
Дејан Гацов,
Член на комисијата за здравство на СДСМ