Слободата на неутралните или на различно политички определените постои само во демократија. Во режим, тие што се декларираат за такви, се најчесто купените и најмалку слободните. Не треба да се биде голем интелектуалец за да се сфати ова. Но, не е незамерлив бројот на оние кои од неутралноста направија фетиш. Кај нас, највиден претставник на фетишизацијата е професорката Билјана Ванковска.
На маргините на реалната политичко-општествена дискусија и анализа, се развива една фиктивна и реторичка дебата за многу сериозна општествена тема каква што е неутралноста на индивидуата во ситуација на режим. Со чесни и ретки исклучоци, темата околу неутралноста е целоснo промашена од многубројни естрадни интелектуалци, кои, повторно, или популистички му се умилкуваат на вистински неутралниот граѓанин или пак ја користат дискусијата заради своја лична промоција и ванитозност. Или, пак, како најлошо од се, на тој начин, тајно одработуваат за една од страните и го доведуваат во прашање самото постоење на режим.
Нема да навлегувам во детали, но поентата што сите ја промашуваат е дека неутралноста е тесно врзана за слободата на индивидуата и за нејзиниот однос со политиката, партиите, интелектуалата, институциите, системот, итн, итн. Она што уште повеќе го промашуваат е дека иако станува збор за лични слободи и односи, тие не можат да бидат декларирани за такви, доколку не ги уживаат сите. Не може Билјана Ванковска да каже дека самото нејзино постоење е отпор, и кон едните и кон другите, а потоа да очекува дека некој ќе ја сфати сериозно. Не може со толкава ноншалантност да каже дека и останале правото на слобода на говор, на изразување, на мислење, на убедување и на несогласување, кога на огромен број луѓе во оваа земја тоа им е оспорено. Подобро, попаметно и поискрено ќе и беше да каже, дека отпорот на оние кои биле замолчени и се мотив својата слобода да ја искористи за промовирање и на нивниот отпор, отколку себично и простодушно да гледа на својата (не)слобода. Јас, лично, уверен сум дека Ванковска е најмалку слободна и самиот факт што вака ја третира и ја дефинира слободата е потврда дека подлегнала на тоталитарните сфаќања. Но, на слободата ќе се навратам подоцна.
Колумната на Ивор Мицковски е објавена од плусинфо.мк